Како изгледа еден проект одржан во рурален предел? Ако негогаш сте се запрашале, ќе дознаеме од Сара, која само што се врати од Дордоњ, Франција, каде беше учесник на обуката „UNITY CANVAS: Collective Art for Wellness & Awareness“ во периодот од 29.04 – 06.05.2024. На оваа обука учествуваа млади од Македонија, Полска, Грузија и од Финска. Работилниците опфатија повеќе пристапи на создавање интеркултурни и колективни уметнички дела за благосостојбата и еколошката свест на младите.
Сара издвои три активности што и оставија најголем впечаток.
„Активностите ги работевме во групи по тројца, па секој тим имаше учесник од различна држава. За секоја активност се менуваа тимовите. Тоа ми даде доволно простор подобро да ги запознаам сите, нивната култура, нивните работни навики, нивните идеи… Навистина беше тимска работа“.
Првата активност беше за ‘патешествието на Херојот’. Учесниците требаше на креативен начин да го претстават овој модел преку песна, поема, филм, скулптура… било што, што на креативен начин би го претставил главниот карактер, кој од обичен човек станува херој.
„Мојата група одлучи да напишеме поема. Тоа навистина ме мотивираше и морам да кажам дека сум искрено горда како испадна на крајот“.
Следниот проект беше “upcycling”. Според Сара, тоа беше генијален начин да се креира нешто ново и корисно со материјали коишто веќе ги имаме.
„Во мојот тим мислевме дека ќе биде интересна идеа ако успееме да направиме функционална закачалка изработена од парче дрво, тапи за вино, шајки и чекан (и музика, секако). Не само што направивме нешто корисно, туку и изгледа убаво, а и го снимивме целиот процес. Се почуствував инспирирано да направам ‘upcycling’ работилница во Македонија и тоа во блиска иднина, и секако, да се работи во тимови“.
Последните два дена од обуката, учесниците ја имаа финалната задача да снимат видео со битна порака.
„Мојот тим си ја сфати работата многу сериозно, се посветивме на видеото и дури и паузите ги користевме да го финализираме. Крајниот резултат, по мое скромно мислење, е ремек дело. Сè се сведе на тоа колку ние соработувавме и дававме нови идеи, колку труд посветивме на видеото и нашата желба да се забавуваме во текот на целиот процес“.
А, што е со несекојдневната локација каде што се одржи проектот – на ранч?
„Погледот беше неверојатен! И бидејќи ги имавме нашите сесии на ранч, имавме и многу крзнени пријателчиња – повеќе од 30 коњи и најслаткото прасе“.