Дали би сакале по една „Чорба“ со нас? Во изминатите две години имавме задоволство да бидеме дел од еден извонреден проект: „Soup sharing“. Разменувавме мислења со партнерите, инспириравме промена во заедницата и јадевме превкусна чорба. Сега дојде време да одиме понатаму. Со цел да ве поведеме низ концептот на „SOUP“ и да ве инспирираме да го примените во вашите заедници – подготвивме „Прирачник за развој на локалната заедница преку супа/чорба“.
Можеби се прашувате што е „SOUP“, ако сè уште не сте слушнале. Станува збор за модел, кој започна да се користи пред неколку години во Детроит, САД, а сега се практикува во речиси 200 градови низ светот. „SOUP“ е јавен настан, односно вечера со микро-награди на кој се поддржуваат креативни проекти и заедници ширум светот. Говорниците ги презентираат своите концепти, а публиката донира и гласа за најдобрата идеја, односно својот фаворит. Победникот го добива симболичниот надоместок од парите собрани од билетите. Има време и за вмрежување додека уживате во топлата чорба.
Дали ви се допадна концептот? Погледнете го овој прирачник и можеби вие ќе бидете следниот организатор на „SOUP“!
Прирачникот е креиран како дел од проектот KA2 „Soup Sharing“ во рамките на Еразмус+ програмата на Европската комисија. Организатор и апликант на проектот е нашиот партнер од Данска – Passion Udflugt. Другите партнери се AMICS (Шпанија), Check-In (Португалија), Allianssin nuorisovaihto (Финска), Community Laboratories (Литванија), Skola6 (Латвија) и Udruga Kreaktiva (Хрватска). Целта на проектот „SOUP sharing“ е да го интегрира концептот на социјално групно финансирање низ европските градови преку принципот на „SOUP“ во Детроит.