Оваа статија е осврт на моето волонтерско искуство како краткорочен учесник на EСК проект во Загреб, Хрватска. Придружете ми се на ова кратко патување од 1000 зборови, потсетувајќи се на убавите спомени од месецот и пол поминат градинарејќи, работејќи со деца на училишна возраст и градејќи доживотни пријателства, сето тоа под загрепското „немало ваква пролет 20 години“ дождливо небо.
За време на мојата gap year, по 16 години постојано формално образование, решив дека е време да почнам да пречкртувам некои работи од мојата bucket листа. Уште кога бев тинејџерка, имав желба да учествувам на волонтерски проект. Сепак, повеќето проекти кои ми звучеа интересно беа долгорочни (од 6 месеци до една година) и за жал, никако не можев да ги вклопам во мојот распоред. Ненадејно, еден мрачен февруарски ден прелистувајќи низ апликацијата на ЕСК (Европски Солидарен Корпус) налетав на проектот „Green Fingers“ за градинарство и образование… пролетта, месец и половина… и тоа во Загреб – еден од моите омилени градови во светот! Формулар за пријавување, интервју и неколку мејлови напред-назад подоцна – сè е подготвено, одам за Загреб!
Кога пристигнав во Загреб, градот беше шармантен и ме пречека со отворени раце, како и секогаш. Настани на секој чекор, за сечиј вкус – и навистина мислам за СЕЧИЈ. За време на мобилноста, посетивме бројни пазари, фестивали, меѓународни вечери, танцувавме во безброј пабови, клубови и улици, пливавме во езерото Јарун (на ужас на Загребчани), пробавме неколку нови спортови… списокот е долг. Времето од друга страна, како што алудира и насловот на статијава, се чинеше дека ги заменило април за ноември. Беше ладно, само 10 степени Целзиусови и врнеше непрекинато. „Ова е типично за почетокот на април, ќе стане поубаво“, си се тешев! Сепак, дождот нè следеше во текот на целата мобилност, што, од светлата страна, нè научи да ги цениме неколкуте сончеви денови што ги добивме. И на крајот на денот, ако друштвото е пријатно, сè друго е тривијално.
Проектот беше координиран од невладина организација наречена ОАЗА. Првиот пат кога влегов во канцелариите на ОАЗА, веднаш ми стана јасно каде организацијата си го добила името. Имено, канцеларијата наликуваше на зелен рај, оаза, во центарот на градот. Пријателска средина и уште попријателски настроени луѓе, преку 100 растенија кои ѕиркаат од секое ќоше, а најдоброто од сè – терасата на покривот. Уште една позитивна работа за дождот – да не врнеше речиси постојано, веројатно ќе фатев корени на терасата. Првите неколку дена од проектот беа исполнети со типични почетнички активности – запознавање, ice breakers, разгледување на градот, логистика, вовед во проектот. На крајот на првата недела, посетивме една од училишните градини и со тоа официјално започнавме со градинарските активности. Во текот на целата мобилност обновивме езерце во една од градините и ги вративме рибите во нивниот реновиран дом (и тоа со нула жртви), засадивме прекрасни цвеќиња и најважно од сè, научивме дека 90% од градинарството не е само садење нови растенија – туку одржување на она што веќе постои. Последните денови од проектот организиравме градинарски фестивал во едно од училиштата. Тоа истовремено беше исполнувачки и тажно – гледајќи го плодот на нашиот труд од изминатиот месец и половина како оживува, но и сфаќајќи дека се ближи крајот. Покрај градинарство, да биде подинамично, одвреме-навреме имавме и други активности. Дел од моите омилени беа: набљудување птици во паркот Максимир, посета на пчелен колектив за Денот на пчелите, како и интеркултурната вечер, која се одржа во втората недела од нашата мобилност, додека сè уште сè беше ново. Колективно подготвување на храна за вечерта во хостелот тој рандом вторник беше една од најдобрите спонтани team building активности што можевме да ги направиме и токму тогаш почнав да се чувствувам како навистина да сум дел од групата. А тоа беше една прекрасна група.
Во текот на моето осумгодишно искуство со европски проекти, и како учесник и како организатор, никогаш не сум видела поприфатлива, потолерантна и поотворена група. Како интровертна личност во групни поставки често се случува да се чувствувам изоставено. Но, во оваа група – ниту еден момент. Од првиот ден сите беа толку отворени и желни за дружба, истовремено почитувајќи ги границите на другите. Ќе искористам два примери за да ја доловам позитивната енергија со која зрачеше групата. Прво, важноста што волонтерите ја даваа на тоа сите заедно да си поминеме убаво, пред сè останато. Имено, еднаш, играјќи билијард, ние, „лошите“ играчи, наместо игнорирани, бевме охрабрени да играме, третирани како еднакви и не ни беше дозволено да го пропуштиме нашиот ред само затоа што нема да бидеме од корист на тимот. По години и години слушајќи „тебе не те бива, подобро само да гледаш“, навистина беше освежувачки да се доживее ова. Вториот пример што навистина го доловува духот на нашата група е фактот што практично „посвоивме“ уште двајца волонтери кои волонтираа во хостелот – Холанѓанец и Американец. Иако тие не беа дел од градинарските и училишните активности, ни се приклучуваа на сите останати и беа „константа“ на која секогаш можевме да се вратиме. И секако, најдоброто за крај, не можам да ја завршам оваа статија без да го спомнам патувањето на хрватското крајбрежје за време на последниот одмор. Од турбулентниот почеток и крајот кој не сакавме да дојде, до маѓепсувачките плажи и спонтаната журка на street food фестивалот на кој случајно налетавме… тие пет дена засекогаш ќе ми бидат потсетник дека овој живот вреди да се живее.
Земајќи го сето ова што го раскажав предвид, имам чувство дека перцепцијата за Загреб ми е засекогаш уништена, бидејќи Загреб веќе никогаш нема да биде толку убав како што беше во текот на тие два месеци, пролетта ‘23.
Анкица Соколиќ
– наш ЕСК-волонтер во Загреб, Хрватска