You are currently viewing Зимска ЕСК идила во Полска

Зимска ЕСК идила во Полска

Dzień dobry!

Се чувствувам како да поминале 33, а не само 3 месеци од мојата волонтерска авантура во Бидгошч, Полска. Толку многу работи се случуваат што не знам од каде да почнам, ама за почеток би го истакнал културниот шок. Културата била и се уште е број 1 причина за започнување на конфликти меѓу различни нации, но јас сум поборник на една антитеза според која културата ја доживувам како најефикасна алатка за надминување на социјални и меѓуетнички конфликти. Во превод, колку повеќе се запознаваме со туѓа култура, толку повеќе имаме разбирање за различни начини на мислење, делување и традиции.

Да бидам искрен, Полска е земја со многу сличен менталитет како нашиот. Иако бев подготвен да се соочам со прилично ладен однос и минимално количество на контакти, се покажа тотално спротивното. Дали поради фактот што сум волонтер и авантурите ги дочекувам со раширени раце или поради фактот што сум Македонец кој може да најде тема за разговор со секого, времето најчесто го поминувам во присуство на локалци и интернационалци од сите страни на Европа. Можеби не во толкава мера, но Полјаците високо го вреднуваат меѓучовечкиот контакт и сакаат да си направат „маалски муабет во секоја прилика. Најголема пречка која стои на патот е јазикот, во кој за среќа успевам да разберам повеќе од половина. Но во моментот кога треба да земам учество во конверзацијата, се обидувам да измислам нов јазик – ткн. „смути од македонско/српско/хрватско/бугарско/руски овошки.

Работам фул-тајм во Културниот Центар „Wiatrak – Ветерница, каде примарна задача ми е да допринесам во промоцијата на активностите преку креирање на медиа контент. Но, кога би ви прочитал дел од евалуцискиот лист кој го пополнувам на месечно ниво, ќе може да видите дека делокругот на дејствување е пошарен од скопскиот Градски Парк во лето. Од самиот старт, допринесувам со пишување на текстови во кои ги опишувам деталите од активностите кои земаат место во сите институции на Културниот Центар како: Интернационалниот департман, Градинката, Клубот на Сениори, Рехабилитацискиот Центар за лица со попреченост, но и активностите надвор од Центарот.

Најголемиот предизвик со кој се соочив во овие 3 и кусур месеци е одговорноста која ја добив во рамки на краткорочниот ЕСК-проект – “Hey Christmas Carols 3” или на полски “Hej Kolęda Kolęda 3”. Полјаците се луди по Божиќ и сите традиции кои доаѓаат со овој празник. Wiatrak, веќе трета година во периодот пред Божиќ, кани 12 волонтери кои преку песна го анимираат локалното население и пренесуваат позитивна мисла кон оние кои имаат најголема потреба од истото. Годинава, имавме волонтери од 7 земји кои вежбаа 7 божиќни песни на 7 различни јазици проследени со инструменти, кореографија, сценографија и слично. За среќа, групата беше коктел од најдобрите напитоци кои може да се најдат во менито и проектот достигна врв во оваа година каде настапот на учесниците го видоа повеќе од 2500 луѓе. Пеевме и свиревме во основни и средни училишта, градинки, клуб на сениори, болници, цркви, а посебно би го истакнал настапот на бината на Божиќниот пазар во Бидгошч.

Бев ангажиран уште пред почетокот на проектот каде учестував во интервјуирање и координација помеѓу организациите и волонтерите. Имав шанса да допринесам со мојот музички талент преку композирање на инструменталниот аспект на песните во кој свирев на моите перкусии. Покрај сето ова, мојата главна улога беше видео документирање во рамки на целиот проект. Финалните видео снимки се во изработка и ќе може да ги видите во наредните месеци.

Искуството досега е динамично, богато и полно со моменти кои ќе ги паметам цел живот.

Поздрав од студен Бидгошч!

Стефан