Младите кавадарчани предводени од нашата волонтерка, Марија Ристова продолжија со акциите за разубавување на градот и неговата околина. Во саботната еко-акција во месноста „Журов дол“ над селото Ваташа беа засадени 60 садници на чемпрес со што беше испратена уште една порака за важноста на чистата и здрава животна средина.
„Сакаме да докажеме дека и ние младите кавадарчани имаме моќ да ја промениме околината на подобро“, вели Ристова.
Акцијата е дел од проектот: „European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West Momentum”, организиран од Волонтерски Центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите „Ерасмус+“ и „Европските млади заедно“. Во реализацијата на саботниот настан се вклучи и ЈП ‘Македонски шуми‘ – подружница ‘Бор‘.
Претходно, младите активисти собрани во неформалната група „KavInАction“, го чистеа реонот околу Тиквешкото езеро, при што беа собрани дваесетина вреќо со ѓубре, најмногу пластични шишиња и лимени конзерви. Тие потенцираат дека сите заедно мора да работиме уште посилно на зголемување на свеста за зачувување на природните убавини.