После две одложувања на почетокот на проектот, конечно дојде и месец октомври кога патешествието наречено ЕВС проект започна и од Скопје се преселив во Алаурин де ла торе. Мал град во близина на Малага, или како што јас љубам да го наречам мое Драчево (бидејќи оддалеченоста од Малага е иста како Драчево од Центар, а и големината на ова градче е колку наше Драчево).
Сепак не е се како кај нас. Уште на самиот почеток се соочив со културен шок, наместо ракување при запознавање со луѓето. Тие веднаш ти сокнуваат во прегратка и те бакнуваат два пати, без оглед дали прв пат се гледате или веќе претходно сте се запознале. Веднаш започнуваат разговор, секако на шпански, бидејќи англиски за нив е не сфатливо, но постојат исклучоци. Шпанците се толку гласни што за споредба можам да ви кажам дека четири пензионери во автобус прават галама колку полн автобус со пензионери во Скопје.
Веќе и не ми е чудно кога на некој странец ќе му кажам дека сум од Македонија да не знае дека постои таква држава. Но тоа што е интересно за шпанците особено за децата со кои работам, веднаш почнуваат да се кикотат и ми велат „Како оној јогуртот“? На почетокот не ми беше јасно, но покасно нештата станаа совршено јасни, нашата држава за овдешните деца е име на овошно јогуртче што го јадат за ужинка.
Морам да признаам дека е забавно да си македонец во Шпанија, доказ за тоа е и презентацијата која ја имав за Македонија пред локалните волонтери. Покрај презентацијата за убавините на Македонија, за храната, познати личности во областа на спортот (со оглед дека проектот на кој работам е за спорт и едукација на деца) моите гости имаа задача да го напишат своето име на кирилица. За исходот сведочат неколкуте фотографии од нивните обиди, јас само ќе додадам дека беше забавно и сите сакаа да знаат дали правилно си го напишале името.
Уште еден интересен податок кој не го знаеа локалните волонтери е конекцијата помеѓу Скопје и Малага. Односно дека Пикасо (кој е роден во Малага) има донирано слика (портрет на жена) на Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963. Во однос на храната, Ајварот го снема за минута, чоколокумот од „Европа“ исто така, ракијата остана бидејќи беше презентација пред малолетни лица.
(Мигел се обидува да погоди каде се наоѓа Македонија на мапата на Европа.)
Проектот на кој што работам како што споменав и пред малку е, за спорт и едукација на деца. Па така деновите ми се исполнети со спортски активности (фудбал, кошарка, бадминтон итн.) како и помош на деца од основно и средно во пишување домашни или подготовка за тест. Поради јазичната бариера за сега им помагам по предметите математика и англиски.
Последната недела од месец октомври бев дел и од младинска размена на тема социјална инклузија, на која имаше учесници од Литванија, Германија, Грција, Турција, Франција, Италија и домаќинот Шпанија.
Јелена Панчевска