Проектот на тема „Сексуалноста и сексуалното однесување“ кај младите се одржа од 1 до 10 декември 2017 во Бар, Црна Гора во која учествуваа учесници од дванаесет европски и балкански земји. За мене и Димитар Чуковски како претставници на Волонтерскиот Центар Скопје беше привилегија да бидеме дел од овој проект, пред се заради предавањата на кои имавме шанса да научиме многу на дадената тема и тоа од многу различни аспекти, но и заради дружењето со исклучителните личности со кои работевме на проектов.
Предавањата беа организирани во неколку делови и лично за мене начинот на презентација на содржините беше одличен. Многу повеќе од обични предавања, на сите предавања без исклучок учесниците беа интерективно вклучени преку дискусии или изработка на одредени проекти или производи. Целокупниот проект беше неповторлива шанса за менување на менталниот склоп проширување на видиците и рушење на предрасудите кои се ни наметнани од општеството и од родителите.
Истовремено, освен учењето имавме шанса да разговараме со наши врсници и колеги од различни земји, да запознаеме нови култури, погледи на светот и да разговараме на конкретни теми се со цел да ја срушиме бариерата меѓу нас и да создававме нови искуства и пријателства преку кои во иднина би можеле да работиме и на уште поголеми и позначајни проекти.
Во слободното време уживавме во неформалните дружења со останатие учесници . Излегувавме заедно, се дружевме и создадовме спомени кои долго ќе останат во нас како потсетник на еден прекрасен проект кои не смени на многу позитивен начин.
Еден од последните денови бевме поделени во неколку групи, имавме дадено тема и изработувавме хамери. Работилницата ја правевме во самиот град со што сите заинтересирани граѓани можеа да дознаат за нашиот проект.
Последните денови ни беа малку порелаксирани, па организиравме екскурзија во преубавите градови на црногорското приморје: Котор и Будва.
За самиот крај сакаме да се заблагодариме на организацијата и нашите ментори во Црна Гора за можноста да партиципираме на еден ваков проект, од кој научивме многу за сексуалното и репродуктивно здравје, за различноста на секој од нас, за нас самите и за тоа како тоа знаење да го пренесеме овде во нашата земја после нашето враќање.
Елена Максимова