You are currently viewing Добредојде за Давид од Полска!

Добредојде за Давид од Полска!

Cześć (Здраво и од мене)! Се викам Давид и имам 23 години. Доаѓам од јужниот дел на Полска, но од раното детство живеам во Велика Британија. Пред две години дипломирав географија, по што направив пауза од учењето.

Решив да се приклучам во ВЦС, бидејќи го препознав како невладина организација сместена во срцето на урбан простор. Сакам да уживам во сè што има да понуди Скопје, истовремено создавајќи можности за локалната младина и помагајќи да се решат тековните проблеми во градот. Згора на ова, имам многу убави спомени од моите претходни патувања на Балканот, а тоа што сум овде како волонтер (а не како турист) е нешто што ме прави особено горд.

Сакам да ја искористам оваа прилика да видам и доживеам колку што можам повеќе, како во Скопје, така и во регионот. Како љубител на бруталистичката архитектура, сакам да го разберам наследството на историјата на градот преку неговите згради и урбаното ткиво. Бидејќи моите обувки за планинарење ми заземаа половина од багажниот простор, ќе се обидам да ги користам колку што е можно повеќе во слободното време!

Покрај тоа, јас сум вљубеник во музиката и во кафето, за кои размислувам веднаш штом се разбудам. Ќе ме слушнете како зборувам за моите патувања во секоја можна прилика. Се чувствувам најдобро кога поминувам време со истомисленици и се надевам дека ќе имам еден куп прилики за тоа во нашето ВЦС-семејство 🙂

Давид Кошчиелњак

Давид ќе волонтира во ВЦС 3 месеци преку краткорочен ЕСК-проект.

Организација-испраќач: Fundacja Rozwoju Społeczeństwa Przedsiębiorczego