Петнаесетгодишниот јубилеј на Волонтерски Центар Скопје беше одличен повод да организираме панел-дискусија за да го промовираме волонтерскиот дух, но и да укажеме на аномалиите во процесот, законските рамки и потребната поддршка од локалните и државните институции. Како место на настанот го одбравме седиштето на Делегацијата на ЕУ во Македонија, односно „Europe house/Европска куќа“, бидејќи европските програми „Еразмус+“ и Европскиот солидарен корпус се препознатливи меѓу младите како шанса да излезат од апатијата, да научат нешто поинакво, нови култури, јазици, земји, да добијат неформално образование кое подоцна ќе им користи и лично, но бенефит ќе добие и општеството. А, ВЦС е „дома“ на тоа поле.
„Тоа искуство го менува животот“, вели директорот на ВЦС, Никола Станкоски кој и самиот во 2004 година беше на едногодишен проект во Литванија. Всушност, по неговото враќање во земјава се раѓа идејата за ВЦС, кој од тогаш до денеска важи за дом на околу 10.000 млади лица од Македонија, кои преку нашата организација учествувале на разни проекти и активности во државата и надвор.
„Сме примиле над 350 волонтери од странство, кои престојуваат кај нас и го менуваат општеството. Тоа можеме сите да го правиме, затоа е важно младите да ја согледаат важноста од волонтирањето, тоа е процес во кој даваш, ама и добиваш“, потенцираше Станкоски.
Значењето што волонтерството го има врз локалните и глобалните процеси ги посочи и Зоран Илиески, директор на Коалицијата за младински организации „СЕГА“. Тој укажа на потребата од поактивно учество на локалните власти и спроведување проекти за локални волонтери кои ќе им овозможат на младите да се вклучат.
Никица Кусиникова, директор на „Конект“ се осврна на правните аспекти за волонтирањето, предизвиците и актуелниот статус на национално и глобално ниво во Македонија. Таа нагласи дека е исклучително важно да се мотивираат младите луѓе да волонтираат и колку е битна промоцијата на волонтирањето во сите сектори.
„Најмногу работиме со програмите ‘Еразмус+‘ и ‘Европски Солидарен Корпус’ и тие им се достапни на младите“, посочи Марко Ѓорѓиевски, директор на Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност.
Според анализите на ВЦС, над 70 отсто од младите кои преку нашата организација заминале на долгорочни проекти во странство, се вратиле во земјава и со своето новостекнато знаење, вештини и искуство помогнале во изградбата на општеството.
„Јас се ‘запознав‘ со волонтирањето кога имав 14 години и веќе 9 години сум дел од тој свет. Пред неколку години преку ВЦС заминав во Португалија и тоа е искуство што ќе го паметам секогаш. Ајде сите заедно да ги мотивираме младите да се вклучат поактивно во овој процес“, апелира Маријана Аспровска.
Наташа Петковска во 2015 година ја испратиме во Шпанија на едногодишен проект.
„И се уште сум таму. Откако ми заврши проектот, останав во Шпанија, запознав нови луѓе, го научив јазикот, стекнав вештини што ми помогнаа да најдам работа и да го живеам својот сон“, посочи Петковска.
Нашата Клариса Лојте од Германија, која речиси една година е дел од семејството на ВЦС, признава дека одлуката да дојде во Македонија е најдоброто што можело да и се случи по завршувањето на средното образование.
„Научив толку многу работи, сретнав прекрасни луѓе од целиот свет, ми се отворија нови видици, дури не ми се верува дека наскоро ќе треба да си заминам дома.
На крајот, сите се согласивме дека волонтерството има огромен потенцијал кој ќе треба да го развиваме многу повеќе. Волонтерски Центар Скопје со сигурност ќе биде предводник, како што беше и во изминатите 15 години.