Се сеќавам кога го добив мојот прв е-маил со покана да пишувам за „Воисес“. Сè уште бев дома во Полска и нетрпеливо ја чекав мојата виза. Сега сум од другата страна на екранот и веќе имам објавени неколку свои статии. Мојот дом? Па, поминаа три месеци откако почнав така да ја нарекувам Македонија.
Преселувањето овде си носеше предизвици. Брзо сфатив дека работното време постои само во теорија, па дека автомобил може да ве прегази додека мирно одите по тротоар, а бургерите ќе ви ги послужат без лепче. И да, да не заборавиме на фактот дека видов повеќе споменици во центарот на Скопје отколку во целиот мој живот досега.
Веќе некое време сакав да се преселам во странство, но никогаш не мислев дека тоа ќе биде Македонија. Да бидам искрена, ми беше сеедно – единственото што знаев е дека треба да одам некаде далеку од дома. Ми требаше предизвик. Или, што би рекле Германците: болно го почувствував Fernweh – копнеж по непознатото. На еден од проектите на „Еразмус+“, на кои бев, видов налепница на нечиј куфер на која пишуваше: „Сакам да одам некаде каде што никој не го знае моето име“, и мислам дека овој цитат навистина ми се залепи во срце. Не сум сигурна каква случајност ме донесе во Скопје, но мислам дека не можеше да испадне подобро од ова. Понекогаш најслучајните одлуки се навистина најдобри.
Ања Војџиак