Еден ден, допишувајќи се со пријателка што живее во Холандија, се пожалив колку изморена се чувствував од моето секојдневие во Скопје. Откако ме утеши со позитивни зборови, таа ми ја спомена фондацијата Olde Vechte. Неодамна била таму на обука и ми посочи да размислам за евентуални волонтерски опции.
Па така, откога одвоив некое време за истражување, решив да аплицирам во Olde Vechte за мојот краткорочен волонтерски проект. Неколку месеци потоа, доцна во ноќта на почетокот од ноември – ете ме во малечкиот град Омен, чекајќи со возбуда да ја започнам оваа авантура.
Иако беше доцна навечер кога пристигнав, бев срдечно пречекана од тамошните волонтери, кои веднаш ми го покажаа местото. Објектите на установата беа полни со волонтери и луѓе што присуствуваа на различни обуки што фондацијата ги одржува, а налетав и на двете мачки што волонтерите ги посвоиле: Луна и Криси. Можам слободно да кажам дека ова беше и мојот прв ‘добар омен’. Знаев дека сум на вистинско место.
Она што најмногу ми фати око беше фактот дека волонтерските активности, во принцип, беа повеќе насочени кон мануелна работа. Ова беше перфектно за мене, бидејќи пред да аплицирам таму, имав работено канцелариска работа и чуствував голема потреба да направам пауза од хипер-дигитализираниот живот што го живеев.
Во моите два месеци таму, ми беа поставени нови и интересни предизвици за кои набргу изучив корисни алатки што ми помогнаа за нивно справување и надминување.
Меѓу разните активности што ги имав, најголем впечаток ми остави можноста да помагам во демолирањето на една од постарите волонтерски куќи, каде научив како правилно да употребувам есенцијални алатки. Помагав при разни задачи во една од локалните градини на Омен, каде се стекнав со голем број информации за природни билки, лекови и нивните намени, како и за општото одржување на сезонска градина во држава како Холандија – земја чиј поголем дел од агрикултурата е направен во стаклени градини.
Научив и како да употребувам машина за шиење во една од локалните продавници за производи од втора рака, потоа учествував и во обука за арт-терапија, помагав во волонтерската кујна каде понекогаш се готви за 50 лица. Покрај тоа, помагав и со уредување и вршење помали поправки на дел од објектите на фондацијата.
Тоа што беше најпозитивно за мене беа другите волонтери и фактот што толку лесно ме прифатија како дел од нивната заедница. Во тие два месеци успеав целосно да се чувствувам како дел од нешто поголемо, колектив на луѓе фокусирани на тоа да се подобрат себеси и нивното опкружување. Имаше интроспекција во Olde Vechte, рефлектирање, плачење, напуштање, прифаќање, учење, создавање и постоење.
Многу сум благодарна за прекрасното време што го минав на ова магично место, а стекнатото искуство не би го заменила за ништо!
Ангела Манчевска
краткорочен ЕСК-волонтер во Olde Vechte