Биљана и Сара од Куманово имаа можност да бидат дел од тимот на волонтери на проектот: „Solidarity in Community” што се реализираше во Извоареле, Романија и траеше еден месец. Во продолжение ви ги пренесуваме нивните впечатоци:
Бевме сместени во прекрасна дрвена куќа во планински предел. Куќата ја делевме со шеснаесет волонтери од различни земји. За нас ова беше вистинско прилагодување на себеси во рурална средина и делење на просторот со толку многу млади луѓе во исто живеалиште. Но, иако на почетокот можеби беше малку предизвикувачко, сепак сè излезе извонредно. Се адаптиравме спрема другите, но и тие кон нас. Станавме еден тим во кои се поддржувавме. Тогаш знаевме дека предизвикот и стравот е зад нас, а тоа што таму сите дојдовме со една иста цел – да бидеме тим и да имаме едно прекрасно и незаборавно искуство. Освен што заедно ја одржувавме куќата, готвевме вечера, ја делевме храната и заедно ги поминувавме деновите – дури и нашите обврски ги делевме меѓусебно како тимски проекти. Од сечење дрва, па до осмислување проекти за млади лица… работевме, планиравме и реализиравме заеднички. Дел од обврските ни беа и надвор на отворено во градините, чистејќи ја почвата од секакви грмушки, сечејќи ги непотребните гранки и чистење отпад. На моменти, иако можеби изгледаше тешко и по малку исцрпувачки, работењето во тим ни даваше дополнителна енергија така што поголемиот дел од времето ни беше забавно и интересно. Сечењето дрва за огрев, исто така, беше предизвик за нас кои го совладавме и со гордост можеме да кажеме дека сме подготвени за подготовка на грејна сезона. Некои од нас беа вклучени и во обврските околу другите зимски ритуали, како подготвување туршија, зелка, мармалад и компот од дуњи кои претходно ги беревме, собирање на ореви и лешници…
Покрај физичката работа во природа и подготовките за претстојната зима, имавме и интересни настани и проекти. Би го издвоиле интеркултурниот настан кои сами го подготвивме и ја претставувавме нашата земја на интерактивен начин преку квизови и задачи. Ние од Македонија ја имавме таа чест да ги научиме останатите и потоа да водиме неколку македонски ора. Секој гостин посебно имаше свој неколку – минутен час. Навистина е исполнувачко чувството кога видовме дека нашите ора се учат брзо и со задоволство. Почнувавме со спор ритам и потоа откако ќе увидевме дека чекорите се запомнети, постепено забрзувавме за да ни биде уште позабавно. Интересен проект на кој одлично се забавувавме беше снимањето емисија на радио во живо. Зборувавме за нашите целокупни искуства како волонтер, предизвиците со кои се соочуваме, стравовите и очекувањата како и за тоа дека првите чекори се секогаш најважни при вакво искуство. Бевме вклучени и во проектот за снимање на документарец за еден обичен ден на еден тинејџер кој живее во рурална средина. На овој проект се уште работиме на аранжманот и обработката на видеата. И во оваа активност се запознавме со нови работи, на пример како живее едно романско семејство, нивните навики, обичаи и култура за кои увидовме дека се слични со нашите… За романската култура, исто така, научивме и преку часовите по романски јазик кои ги имавме два до три пати неделно. Но, и самото тоа што живеевме во една рурална средина ни беше од полза. Доволно беше да се направи една мала прошетка наоколу или да се отиде до најблиската продавница и веќе си запознаен со нешто ново. Селото во кое престојувавме, за разлика од нашите села, беше на повисок ранг како мала општина со училишта, цркви, средени улици и машини за рециклирање. Но, и покрај тоа можеа да се најдат убави предели во природа со погледи кон пејсажи, птици и разни видови домашни и диви животни. Воздухот, пред сè, беше чист и со самото тоа имавме дополнителна волја и енергија да пешачиме повеќе и да истражуваме наоколу во нашето слободно време. Слободните денови ги искористивме посетувајќи други места и градови како што се Брашов, Букурешт, Плоешти, замокот на Дракула и рудникот со сол.
Сè на сè, Романија е убава земја со прекрасна природа и топли и гостопримливи луѓе. И така, со многу научени работи, стекнати нови пријателства и незаборавни авантури и моменти, се вративме дома носејќи го ова искуство во себе како уште еден поголем чекор во реализирањето на нашите идни цели“.
Биљана Тасевска
Организација-домаќин: Curba de Cultură