Пред три години, за првпат пристигнав во Бремен. Сонцето сјаеше, во тој момент имаше цветен пазар, па улиците беа преполни со луѓе и цвеќиња. Многу ми се допадна градот. За време на мојата „Еразмус+“ размена, имавме време да истражуваме. Последниот ден, јас и мојот тим-лидер баравме нешто низ градот и очигледно изгледавме изгубено. Ни пријде една жена и ни понуди помош. Бев изненадена не само затоа што ја разбрав, a зборуваше на германски (мојот труд да научам германски конечно се исплатеше), туку и затоа што непозната личност покажа желба да им помогне на двајца странци. Тој едноставен гест ми остави уште поубав впечаток за Бремен.
Иако многу ми се допадна градот, никогаш не замислував дека еден ден ќе го наречам свој дом. Но, животот нѐ води по неочекувани патишта. По три години, се вратив и повторно ме пречека сонцето. Се насмеав, мислејќи како луѓето често го опишуваат Бремен како сив и дождлив град. И навистина, по неколку месеци, сонцето полека исчезна, оставајќи кратки, мрачни денови и долги, студени ноќи.
Но, вистината е дека не дојдов овде поради времето. Ако сонцето беше тоа што го барав, северот на Германија немаше да биде мојот прв избор. Дојдов затоа што не сакав да имам живот, работа или верзија од себе што не ми одговараше. Дојдов да истражам не само ново место, туку и скриени агли од мојот ум и срце.
Животот во Бремен ми подари безброј моменти што ќе ги паметам засекогаш. Бев сведок на зајдисонца и бои кои никогаш претходно ги немам видено. Пронајдов мир во долги прошетки низ тивки паркови. Научив да седам со своите мисли, да бидам трпелива, да бидам смирена. Ова патување стана мојот учител. Ме научи како да се справувам со неочекуваното, како да најдам креативни решенија и како вистински да ги слушам другите, дури и кога не се согласуваме. Научив колку е моќна рутината, колку значи заедницата и колку можеме да се смениме ако излеземе од својата удобна зона.
Се разбира, не беше сè лесно. Зимите беа долги и мрачни. Учењето на јазикот ми го тестираше трпението. Имаше моменти на радост, но и моменти на длабока фрустрација. Сфатив нешто важно: понекогаш не е важно колку долго трае темнината – сонцето повторно ќе изгрее. И тогаш, сè што си поминал добива поголема смисла.
Тоа е лекцијата што ја научив под сивите денови. Како што се менуваат годишните времиња, така се менуваме и ние. За растот е потребно време. И дури и кога не можеме да ја видиме светлината – таа доаѓа. Полека, сигурно, неизбежно.
На крајот од денот, не секој го избира овој пат. Но, за оние што имаат храброст, за сонувачите, за истражувачите, за оние што не се плашат да зачекорат во непознатото – постои голема награда во патувањето. Оваа приказна е за оние што прифаќаат промена, што ги отвораат срцата кон нови култури и што ја наоѓаат својата сила во бурата. Ова е за храбрите. За тие што разбираат дека понекогаш најтемните зими водат кон најсветлите зори.
Сандра Димковска
долгорочна ЕСК-волонтерка во NaturKultur e.V.