You are currently viewing Reinventing Community Radio in the Smartphone Era

Reinventing Community Radio in the Smartphone Era

Радиото и паметните телефони се елементи на две различни епохи, кои за помладите генерации како да се разделени со светлосни години. Но, барем еднаш и тоа во минатиот септември – тие два различни света се сретнаа на едно место и време како работна тема на младинската размена за проектот: „Re-inventing Community Radio in the Smartphone Era“.

Активноста се одржа во Скопје, Македонија во периодот од 25.09. до 1.10.2023 година и привлече младите со нивните тим лидери од Белгија, Хрватска, Данска и од Македонија. Деновите беа исполнети со практични работилници и студиски посети, а нашите клучни идеи, дискусии и други активности беа фокусирани на младинското учество, активното граѓанство, „outreach work“, радиото во заедницата и фотографирањето и едитирање видео со паметни телефони.

Првите два дена, учесниците работеа во две групи. Додека првата група имаше работилници за активно граѓанство, втората работеше со паметни телефони. Притоа, и двете групи учеа како да развијат дигитални вештини и да влијаат врз општествените случувања. За само два дена, преку различни интерактивни активности, вклучително и „енерџејзери“ и вежби за  градење тим, учесниците се запознаа повеќе и навистина можеме да заклучиме дека тие беа на иста бранова должина. И едноставно изгледаше совршено, бидејќи темата на проектот беше радио на заедницата!

Продолжувајќи кон она што ги интересира младите – го оставивме нашиот работен простор да ги посетиме локалните радио станици и да видиме како радиото функционира во пракса. Бевме гости на Урбан ФМ, потоа кај Пеце Младеновски од музичката група Суперхикс и неговиот подкаст „Вербалиум“, а на крајот и во популарниот (меѓу младите) кафе-бар Бруталиск, каде што зборувавме за актуелниот момент на радио програмите.

Посетата на радио станици беше само првиот дел од нашата „работа на терен“, бидејќи посетивме и локални организации. Нашата прва станица беше Центарот за младински активизам „Крик“, каде учесниците можеа од прва рака да видат како е да се работи со лица со физичка и ментална попреченост. На враќање ја пречекавме групата во нашата канцеларија за да видат од каде потекнува нашата енергија. Конечно, прошетавме до Градскиот парк каде „Биди Зелен/Go Green“ организираше работилница фокусирана на фотографирање биодиверзитет со паметни телефони. Бидејќи посетивме организации фокусирани на младинската работа и активното младинско учество, нашиот цитат на денот може да биде: „Ќе го промениме општеството само ако секој од нас даде свој придонес“.

Завршувајќи го ова кратко, но интензивно искуство за нашите млади ентузијасти, како „благодарност“ за напорната работа и ангажман, им ја покажавме убавината на Македонија во блискиот кањон „Матка“.

Проектот обедини млади од различни земји каде секојдневно се среќаваат со слични и различни проблеми. Тие ги разменија своите искуства и се инспирираа еден од друг. Научија дека во Белгија има многу повеќе отколку само вафли и помфрит, дека во Данска немаат проблем само со времето надвор, или што имаат и немаат Хрватска и Македонија во споредба со другите земји. Покрај интерактивната програма, младите научија едноставно да бидат заедно и да разговараат за тоа како е таму во нивните земји, што ценат и што би промениле. Моментот на просветлување доаѓа порано или подоцна, кога имаме млади умови и срца подготвени да бидат дел од промената. Затоа веруваме дека овој проект ги поттикна поединците и ги охрабри на поактивно учество во работите што им значат.

ВЦС беше домаќин и фасилитатор на младинската размена во рамките на проектот „Re-inventing Community Radio in the Smartphone Era“, а наши партнери беа Carpe Diem од Хрватска, Aarhus Global Media од Данска, ОKC Abrasevic од БиХ и Stamp Media од Белгија, кој е и апликант на проектот.

Евелина Чанска

Фотографии: Исмаил Ерен Демиртекин