Среќен за животот
Двата мои месеца поминати во волонтирање во Аруба беа трансформативно искуство кое ми остави траен впечаток. Природната убавина на островот, живописната култура и времето поминато со организацијата-домаќин и локалното население, допринесоа за едно незаборавно патување на личен и професионален раст.
Од моментот кога пристигнав, бев пречекан од енергичен тим и луѓе кои многу ми помагаа. CEDE, организацијата со која работев, ги поддржува и помага другите невладини организации и проекти што се оддржуваат на островот. Ги запознав моите новите пријатели/колеги (dushi, ќе објаснам подолу што значи овој збор): Давид и Франческа, со кои брзо се зближив додека работевме и живеевме заедно, при што стекнавме пријателство кое ќе го ценам засекогаш. Нашата блискост беше основа за прекрасно поминато време во Аруба. Секоја ноќ ќе си споделувавме искуства, моменти, се запознававме меѓусебно и заедно го истражувавме островот.
Преубавата природа и богата култура на Аруба предизвикуваа восхит. Во слободното време се релаксирав на белите песочни плажи, го истражував островот и учествував во разни локални активности. Се дружев со локалците, стекнав одлични пријателства наоколу и се пронајдов во тамошниот начин на живот. Опуштените луѓе, релаксирачкиот животен стил и интересната музика ми го направија секој ден незаборавно искуство.
Професионално искуство
Мојата главна задача во Аруба беше да помагам во организацијата преку делот со маркетинг. Помагав CEDE да се подготви за идните ЕСК-проекти и подобро да се претстават „онлајн“ со цел да привлечат повеќе учесници. Ова ми овозможи да ги применам моите постоечки вештини за маркетинг и да креирам нешто што ќе допринесе во иднина.
Работев со Најџел (Nygel, мојот супервизор) кој имаше познавање во маркетингот, па заедно размислувавме и разговараме за можните промени кои може да се направат за да се подобри нивното „онлајн“ присуство. Каков вид на видеа треба да објавува CEDE, која треба да биде генералната порака, нивниот брендинг и основните вредности кои сакаат да ги искажат. Правевме длабинска анализа на други невладини организации и нивните стратегии, јаки и слаби страни, и видовме што може да се копира и примени.
Беше забавно, но и огромен предизвик да размислувам „надвор од кутијата“ за да дојдеме до нови решенија. Исто така, помагав при создавање на неколку веб-страници кои организацијата ќе ги користи за одговарање на чести прашања што ги добиваат од заинтересирани волонтери и ќе им дадат увид во очекувањата и можностите за потенцијалните проекти преку ЕСК. Се на се, научив многу нови работи и користев нови алатки како што се Framer, Figma и Canva.
Искуството ме научи на вредни лекции во маркетинг-стратегија и ангажман во локалната заедница. Ме научи и како подобро како да допрам до луѓето и подобро да го разберам карипскиот начин на живот, како и да ги охрабрам локалните жители да волонтираат во Европа.
Исто така, помагаавме и во организирањето на „Еразмус+“ проектот: „Мост кон Европа“ каде што учествуваа луѓе од другите холандски-карипски острови и од различни други држави од Европа. Тема беше поврзување и дискусија за тоа што значи да се чувствува и да се биде Европеец. Имаше повеќе сесии каде што се споделуваа лични вредности, чувства и перцепции.
На крај, имаше голем напредок, се поврзавме меѓу себе и стекнавме нови перспективи за другите луѓе. Беше возбудливо да се биде во таква живописна група со нови пријатели, потенцијални партнери за соработка и креирани неверојатни спомени.
Апсорбирање на културата
Во текот на моето време во Аруба, сретнав неверојатни луѓе од различни „бекграунди“. Имав одличен ментор кој ми помогна да ја доживеам локалната атмосфера и беше тука за мене секогаш кога ми требаше помош. Најџел и нашата прекрасна фасилитаторка Ксенија, ја одржуваа атмосферата лесна, забавна и професионална. Овие конекции го проширија моето гледиште и ми ги збогатија моите разбирања за светот. Никогаш не очекував дека луѓето таму ќе бидат толку слични на Балканците: грижливи, ценејќи ги малите моменти и негувајќи ги односите со блиските пред се друго.
Не беше се перфектно, имаше и многу предизвици како што е топлото и влажно време, новите јазици на кои се прилагодувавме и се обидувавме да зборуваме (шпански, холандски, англиски и папиаменто), животните кои никогаш не сум ги видел претходно како игуани и гекос кои беа насекаде и симпатичните песочни бувови.
Се на се, работејќи блиску со другите, ги усовршив моите комуникациски и тимски вештини, кои ќе ми бидат од корист во сите идни проекти.
Волонтирањето во Аруба беше искуство кое го промени животот. Двата месеца поминаа брзо, но пријателствата, изложеноста на новата култура таму, професионалниот раст и личниот развој што ги стекнав ќе останат со мене засекогаш. Ова патување не само што ми дозволи да придонесам за значајна цел, туку и ми помогна да се усовршам на начини кои никогаш не сум ги замислил.
Dushi
Сакам да ве научам нешто многу корисно, а тоа е зборот „dushi“ (души) кој го искористив на почетокот на овој текст. Тој е мојот нов и најомилен збор што некогаш сум го усвоил. И се надевам дека ќе успеам да ве убедам и вие да го користите.
Души е динамичен збор на Папиаменто. Во Аруба, ‘dushi‘ може да значи неколку работи: може да се користи за да се опише храна како ‘слатка‘ или ‘вкусна‘, или за да се опише добро чувство (добра музика, одлична атмосфера), но, исто така, се користи и како термин на нежност за твоите пријатели или твојот партнер, како на пример ‘срцка‘ или ‘срценце‘. Души се користи и за флертување, кога на некој во вистински момент ќе му кажеш дека е dushi, исто како да сте кажале дека е секси или симпатичен.
За мене сето она во што уживам е dushi… dushi е dushi! Звучи слично и убаво се поврзува со македонскиот јазик со зборот ‘душа’ и неговите варијации кои сите акцентираат на убавата страна на човекот.
На крај, го охрабрувам секого кој сака да направи разлика да се вклучи во EСК-проект и да го направи тој чекор. И верувајте ми, ВРЕДИ! Искуството и спомените што ќе ги стекнете ќе останат со вас засекогаш и ќе ви го збогатат животот на начини кои нема да предвидите
Марио Крстевски