„Ministry for the future“ – многу моќен назив на обуката на која неодамна присуствував, а се одржа во Сарата Монтеору и Бузау, Романија во периодот од 20-29.5.2024 година. Дали навистина можеме ние учесниците да бидеме клучната алка за обликување на една иднина онака како што ние би сакале, како што би требало да биде? Би рекла да, токму навидум „обичните“ луѓе, учесници, секој за себе различен, посебен, може да биде основата на промената. Ќе образложам подетално зошто така размислувам, но да почнеме од почеток..
Организаторите Fundatia Pentru Tineret Buzau од Романија, не поканија 30-ина учесници од 16 земји активно да поминеме 10 дена во убавата Сарата Монтеору, позната по лековитата солена вода, каде ќе ја разработиме циркуларната економија од најразлични аспекти. Целта беше преку сите тие активности и работилници да се стекнеме со нови методи со кои ќе можеме да ја развиеме циркуларната економија како алатка за промовивирање на одржливиот развој. Активности имаше најразновидни: од „енерџајзери“ за добро утро, преку игри за запознавање, за стекнување доверба и градење тимски дух, креативни работилници каде беше ставена на тест нашата креативност од уметност во природа до дизајнирање парчиња облека, украси од веќе искористени работи прогласени за отпад. Дури имавме и прилики да се испробаме во улогите на пеачи, глумци, танчери, пишувачи на приказни и песни, министри, патувачи во времето и многу други необични, но умешно осмислени улоги и активности. Создававме убави и неубави работи, контрасти кои одлично ја доловуваваат ситуацијата во која сите ние се наоѓаме. Прекумерното консумирање, нерециклирање, неводење грижа, таканаречено пасивно и незаинтересирано живеење од аспект на грижа за средината, може многу скапо да не чини, а и воедно сета таа убавина која сите ја посакуваме и уживаме преку ноќ може да се претвори во грдотиите кои ние на обуката ги создадовме, претставувајќи ја дистопијата која не очекува доколку не преземеме нешто драстично. Но, јас верувам дека можеме да се справиме со ситуацијата, имаме капацитет, се надевам и желба која се повеќе ќе доаѓа до израз.
Уште самиот почеток ветуваше многу, претставувајќи се самите себеси преку карикатури нацртани од луѓе кои прв пат ги запознаваме, доловувајќи се преку еден единствен предмет. За мене посебно интересен беше изборот на предмети кои другите учесници одлучиле да ги донесат како би се претставиле себеси. Имаше буквално се, од играчки од детството, до кармин, сончоглед, празен простор, часовник, фустан, слика, привезок, марама…. уште во тој момент сфатив дека не очекува шаренолика аванатура, полна со новитети, различности и креативности. Така и беше, токму таа разноврсност на карактери, видувања, позадини допринесе за успешноста на проектот и од аспект на изнаоѓање на најразлични решенија за задачите и предизвиците зададени за темата, но и генерално за нашето лично збогатување и проширување на видиците.
Во правец на личното збогатување, дефинитивно придонесоа интернационалните или интергалактичките вечери (како што интерно ги нарекувавме), кои како и секогаш, се едни од најпосебните моменти. Секако, различностите, карактеристиките на поединечните учесници, претставници на одредена држава, култура се воочливи и ги уживаме во текот на целото траење на проектите, бидејќи за времетрањето на тренингот, ние живееме и функционираме заедно, окружени со тие различности. Но, за мене најубав момент е кога од целиот тој микс на различни култури, навики, позадини секогаш произлегува една синергија и позитивно чувство и искуство кое со задоволство се памети. Но, овие вечери даваат можност подиректно да се нагласат одредени симболики, препознатливи работи, моменти или елементи кои претставниците на одредена земја ќе одлучат да ги потенцираат за својата земја, а кои понатаму ќе останат запаметени кај останатите учесници како симбол или одлика за одредена земја или народ. На тие вечери, покрај многубројните танцови, песни, научивме и по некој збор на полски, слушнавме музички настап на литвански во живо, потврдивме дека сарма е главно јадење на целиот Балкан и без ракија не се може, се запознавме со „чили“ амајлијата од Италија, гледавме на турско кафе додека јадевме турски локум, естонски чоколади и грицки, шпански мезиња, додека, пак, ајварот на баба ми ги освои сите од Португалија, Шпанија, до Латвија, Финска и Турција.
Помеѓу омиленити активности, на сите учесници беа активностите на отворено, меѓу кои, посетата на Калливите Вулкани, наследство на УНЕСКО. Притоа, имавме среќа да погодиме не толку активен ден, односно површината околу вулканите беше доволно сува, да можеме да се доближиме и одблиску да ги гледаме активните калливи вулкани и морам да признаам навистина беше невообичаено и интересно за гледање. Покрај тоа што е заштитено и признаено од УНЕСКО, интересно е за набљудување, но, исто така, е и добро место за сликање интересни фотографии, што го потврдува фактот дека многубројни филмски сцени се снимени токму таму. Следна активност беше посетата на Slow food пазарот – настан кој се одржува најмалку еднаш месечно и на кој сето домашно производство на локалците се претставува и продава на посетителите, од сувомеснати производи, кашкавали, сирења, вино, пиво до накит и облека, придружено со домашна романска музика за уште поубава атмосфера. Вистинско уживање и супер дружба на отворено. Впрочем целиот концепт за слоу фуд ми се допадна многу, иако како поим и концепт ми беше површно познат и од претходно, но како истражувавме за случувањата во нашите градови, морам да признаам дека позитивно се изненадив колку Скопје, но и општо Македонија има да понуди во тој дел. Мислам од аспект на организација, заедници, организации, дури сме имале и цела разработена платформа, за која, за жал, верувам голем дел од нас и не знаат (вклучувајќи ме и мене). Оттаму, мора да поработиме на видливоста, жалосно е кога нешто добро се прави, да остане неприметено и да го уживаат само мал круг на луѓе. Така што, драги луѓе кога правите нешто добро, ве молам пофалете се, а ние останатите да се заинтересираме повеќе, да допринесеме што можеме повеќе или во најмала рака, да истражиме малку повеќе за случувањата околу нас.
Во контекс на главната тема на тренингот – Циркуларната економија во правец на одржливиот развој, одличен пример во пракса беше престојот во Бузау и посетата на Маргиломан Паркот и Вилата Албатрос како културен центар на Бузаи, каде имавме многу интересна средба со Анка, експерт за циркуларна економија и еден од четирите градски советници во тој домен. Од навидум обичен град, преку разговорот со Анка, се запознавме со еден поразличен Бузау, град кој целосно се ориентирал кон одржливост и каде циркуларната економија е приоритет и сите заеднички активно работат за постигнување на таа цел: Бузау-циркуларен град. Во тој дел, за мене најпосебен момент беше самоодржливото Училиште бр. 11, таканаречено Циркуларно училиште кое е целосно независно и самоодржливо. Се грее на сончева енергија, собира дожд, кој понатаму се користи како техничка вода и ред други работи кои навистина ме одушевија и без сомнение на светот му требаат многу повеќе вакви училишта.
Наведените примери, но и многуте останати кои ги дискутиравме и споделувавме со останатите учесници се само уште една потврда дека се може да се постигне, доколку вистински се посветиме и активираме. Дури и во една навидум обична вежба, кога бевме назначени на позиција на шест министерства кои ќе го водат светот и ќе го направат подобро место – во рок од три дена активна работа, ние учесниците, аматери во полето на владеење и надминување на клучните проблематики дојдовме до прецизно дефинирани проблеми, потреби на кои најдовме интересни и практични решенија… што само ме наведува до заклучокот дека ништо не е невозможно доколку правилно се пристапи, доколку се согледа големата слика, се изолираат клучните проблеми и приоритети и заеднички се посветиме кон надминување, спречување и создавање на една поубава иднина и одржлива планета во која сите ќе уживаме. Нема да се надминат проблемите со прекумерното конзумирање, штетното влијание на нашите постапки, ниту ќе можеме да преминеме од линеарна кон циркуларна економија, доколку секој еден од нас не ја согледа важноста и неопходноста од истото. Оттука е и воведот дека верувам дека секој поединец има моќ да направи промена и само со мноштво поединечни активности, можеме да ја промениме и разубавиме големата слика.
Маја Мартиновска