You are currently viewing Направете музика, а не војна

Направете музика, а не војна

Музиката буди преубави чувства кај секој еден од нас. Понекогаш тие чувства знаат да бидат весели и прекрасни, дури и носталгични, или пак некогаш да послужат како добар лек за кога се чувствуваме тажно. Само еден месец има поминато откако заврши проектот, а ние се уште ја чувствуваме симфонијата од чувства како резонира во нашите срца. Беше навистина едно неверојатно искуство кое имавме привилегија да го доживееме. “Make Music Not War” е мултинационален младински проект на кој учествуваат млади луѓе од 8 различни држави во конфликт, со надеж на надминување на нивните несогласувања со помош на моќта на музиката. Претворајќи какофонија во една убава симфонија – во буквална смисла на зборот. Да се опкружиш себе си со толку брилијантни, талентирани и лудо страсни музичари е навистина нешто што ти остава белег. Имавме шанса да ја искористиме нашата креативност и заедно со многуте неверојатни умови да компонираме оригинални песни за мирот, имајќи ги љубовта и пријателството ко наши музи. Јас преубаво си поминав за тие 11 дена, без никакви грижи, правејќи го она во кое уживам. Беше навистина искуство на кое му нема замена и да бидам искрен искуство кое успеа да смени дел од мојата перцепција за животот, секако на подобро и засекогаш ќе го паметам тоа. Низ многуте фини луѓе кои што ги запознав и генерално атмосферата која што ја имавме, можам со сигурност да кажам дека проектот ги надмина моите очекувања.

Наместо само јас да бидам сведок за тоа, еве и некои од импресиите на моите пријатели од македонскиот тим што исто така беа дел од размената:

„„Make Music Not War“ беше навистина едно убаво искуство. Нешто што секој еден музичар треба бар еднаш да го искуси. Дружејќи се со луѓе од различни држави и свирејќи заедно е чекор поблиску кон поврзувајќи го светот. Кога си внесен во музиката, немаш време да размислуваш на проблеми. “

Мартин Спироски

„Во свет кој е постојано разделен со конфликти и недоразбирања, Еразмус проектот “Make Music Not War” е проект кој дава надеж, поврзување, можност за искористување на својата креативност. Моето искуство на овој проект беше незаборавно, гледајќи како луѓето забораваат на конфликтите меѓу своите држави и само прават музика или ако можам да кажам прават магија, навистина ми ги отвори очите и ми покажа како некои проблеми можеле многу едноставно да бидат решени, уште само некој да слушаше.”

Јана Славевска

„Направете музика, а не војна, порака која навистина почувствував дека се оствари на овој проект. Целото нешто наликуваше на една внатрешна сложувалка со која се запознаваш себе си и како луѓето функционираат во одредени услови. Од запознавајќи нови луѓе од различни позадини и култури до работејќи заедно и соработувајќи на проектот. Атмосферата беше топ, шетајќи низ куќата секогаш имаше што да се прави, дали е тоа екстра помош во кујна или па само да им се придружиш на останатите. Генерално ми беше премногу забавно, а да и да не заборавам плус и ме прогласија како крал на фусбалот. Последните денови кога требаше да се збогуваме навистина не вратија во реалност за деновите што следат. Иако проектот беше да направиме мир, а не војна, мислам дека направивме многу повеќе од тоа. Пријателства, искуства, сеќавања, сумирајќи се навистина би ви препорачал и вие да искусите нешто слично. “

Филип Павловски

„За мене овој проект беше ништо помалку од едно трансформирачко искуство. Уште од првата сесија вистински се изненадив од уникатниот микс на забава и цел во нашите активности. Не беше целта само усовршување на нашите музички вештини, иако и тоа како ги подобривме, целта беше поврзувањето со сите непознати луѓе, кои денес ми се многу драги. Овој проект ме научи за моќта на музиката како универзален јазик кој ни покажа дека кога сме заедно, можеме да ги надминеме сите пречки на кои ќе наидеме. Беше едно искуство кое засекогаш ќе го паметам.”

Трајче Станков

И навистина е така, ова беше искуство кое сите ние ќе го паметиме. И покрај нашите разлики, различните култури, различни јазици, успеавме да се обединиме благодарение на јазикот кој сите ние го знаевме – јазикот на музиката. 

“Ах музика, рече тој, бришејќи си ги очите. “Магија посилна од било која што ние ја имаме!”
Џ. К. Роулинг – Хари Потер и каменот на мудроста

И не би можел да го негирам тоа, Роулинг, навистина најсилната магија. И навистина се надевам дека ова не е нејзиниот крај. Се надевам дека нашето музичко патување не запира тука, туку напротив, тука започнува. Без разлика во кое време или на кое место ќе се сретнеме следно, сигурен сум дека ќе си поминеме повторно незаборавно. 

Стефан Николовски