You are currently viewing Македонска панда во Латвија

Македонска панда во Латвија

Здраво на сите. Се викам Јован Терзиоски – Јоки и моментно сум ЕСК-волонтер во Рига, Латвија во Младинското студио БаМбусс. Моето волонтерско искуство започна пред шест години кога го реализирав мојот прв ЕВС-краткорочен волонтерски проект во… па, во истото студио во кое сум и сега – БаМбусс. Овојпат, тука ќе бидам во времетраење од десет месеци од кои три од нив веќе летнаа.

Ова патешествие започна на 6 септември кога полетав од Скопје за Рига и слетав на латвиска почна одново, подготвен, возбуден и повеќе од среќен да волонтирам и да запознаам нови луѓе. Тој ден се запознав со две од моите шест цимери во нашиот нов дом. Се зближивме веднаш и по два дена од моето пристигнување, им посакавме добредојде на уште еден наш цимер, па ЕСК-семејството беше половина комплетирана. Но, ни недостигаше едно нешто: име или прекар за нашата куќа/фамилија и заедно размислувавме за тоа.

Еден ден додека пешачевме по центарот на Рига, стапнавме на знак на кој пишуваше “Yolo” – збор што го изговоривме токму кога ја преминувавме улицата. Па, си рековме “Yolo iela” звучи интересно за име на нашава волонтерска фамилија, бидејќи е животно искуство кое се случува еднаш, затоа е “yolo” делот од името и “iela” што на Латвиски значи “улица”. И така се роди името.

Но, мислам дека доволно зборувавме за мојата волонтерска фамилија овде, па време е за волонтерскиот дел од ова искуство, нели?

Одлучив да се вратам назад во БаМбусс затоа што веќе го познавав местото, идејата и резултатите кои студиото и луѓето кои работат во него сакаат да ги отстварат. Што можам да кажам накратко за БаМбусс? БаМбусс е младинско студио кое е дел од Невладината организација Балтички Регионален Фонд или Baltic Regional Fonds од Рига, Латвија. Како младинско студио, БаМбусс е место за секој што сака да учествува и да биде дел од настан или работилница на кои се учи преку “неофрмално образование / Non-formal education”. Исто така, волонтерите ги посетуваат училиштата и ги промовираат волонтерството или програмата „Еразмус+“. Среќен сум што сум тука, затоа што: “Еднаш Панда, засекогаш Панда” (панди се оние кои на било каков начин придонесле за БаМбусс). 

Во средината од септември се одржа нашиот „on-arrival“ тренинг, каде што запознавме голем број  волонтери, со кои брзо се зближивме и станавме пријатели. По обуката, јас и мојата колешка Мариана од Грузија го организиравме нашиот прв настан – Интеркултурна вечер, каде споделивме неколку интересни факти и приказни за нашите држави и секако, традиционална храна. Се разбира, јас зготвив тавче гравче. Сите беа воодушевени.

После овој настан, бевме фокусирани на запознавање на тимот, како и околу активностите за следниот месец, кој беше и месец на #Eurodesk и #DiscoverEU.

Во октомври, имавме шанса да ги организираме нашите први самостојни настани кои беа дел од кампањата на #DiscoverEU каде разговаравме со младите околу можностите што ги нудат европските програми. Јас организирав настан кој се викаше “ErasMūza” (комбинација од Erasmus и muse) каде младите ги споделуваа свои омилени моменти од некој проект на кој учествувале и како резултат на тоа креираа прекрасни уметнички дела на платно или хартија. Настрана од организирањето на настани, ние сме одговорни и за социјалните мрежи на БаМбусс.

По некое време, имавме шанса да одржиме обука на локалните волонтери каде разговаравме што значи да си локален волонтер, кои се бенефициите што еден човек може да ги постигне, затоа што да се биде волонтер не е само голем плус во нашите работни биографии, туку генерално во нашите животи, бидејќи така учиме и се градиме себеси. 

Освен работата, имав шанса и да прошетам на разни места во и надвор од Латвија што за еден волонтер е голем бенефит да има шанса да открива и изучува нови места и луѓе.

Во првата половина од декември, одржавме недела со Божиќни работилници. Секој ден имавме различна тема и младите имаа шанса да креираат се и сешто, од Божиќни картички до Gingerbread куќички до украси за елка или декорација на свеќи. 

Па, ова е моето волонтерско искуство по првите три месеци. Се обидов да ги опфатам најважните и најдобрите моменти кои се случиле досега, но не можам се да ставам во еден текст. 

Среќни Божиќни празници и Среќна Нова Година на сите кои сте дома во Македонија. Топли прегратки од Латвија и до следно видување, atā!

Јован Терзиоски – Јоки

Организација-домаќин: Foundation “Baltic Regional fund”