Претпоставуваме дека честопати сте слушнале дека „Еден човек сам не може многу да направи“, но доказ дека таа изјава не е сосема точна е учителката Рамона Бабос од градот Арад, Романија која е вистинска хероина. Не само затоа што е наш соговорник во ова интервју, туку затоа што успева на многу дечиња да им даде втора шанса за среќно детство преку разни активности во комплексот „Куркубеу” – местото каде се сретнуваат љубовта и посветеноста на голем број локални и странски волонтери со среќата и насмевката на многу деца.
Ова е приказна што не заинтересира, па имавме чест да поразговараме со наставничката Рамона, која преку ова интервју ќе не одведе на патување во забавниот и среќен свет на „Куркубеу”, па и ние ќе имаме шанса, барем за момент, да ја почувствуваме среќата што царува таму.
Често слушаме позитивни зборови, мислења и искуства за вашиот дневен центар. Можете ли да ни кажете повеќе за „Куркубеу“?
– Комплексот „Куркубеу“ е Дневен центар за деца, преку кој Дирекцијата за социјална помош нуди услуги за заштита на децата. Мисијата на центарот е да го спречи напуштањето и институционализацијата на децата преку обезбедување бесплатен ручек во текот на денот, активности за нега, образование, рекреација и социјализација, советување, развој на независни животни вештини, училишна и професионална ориентација за децата. Исто така, нудиме поддршка, советување и едукација за родителите или законските претставници. Бројот на деца кои се корисници на комплексот е 76 деца.
Соработувате со невладината организација „Ofensiva Tinerilor“, чии волонтери изведуваат активности со децата во вашиот дневен центар. Можете ли да ни раскажете повеќе за тоа, за што точно станува збор и колку време трае оваа соработка?
– Имаме одлична соработка со нив веќе многу години. Заедно со нивните волонтери изведуваме исклучително интересни и корисни активности. Соработката е плодна, бидејќи има добра комуникација меѓу координаторот на центарот и организацијата, како и меѓу координаторот и волонтерите.
Колку волонтери поминале досега низ вашиот центар и какви активности изведуваат со децата?
– Од 2013 година соработуваме со асоцијации кои ни испраќаат волонтери, така што имавме можност да работиме со стотици волонтери со кои заедно изведовме прекрасни активности. Активностите со волонтерите беа неформални едукативни програми, интерактивни интеркултурни програми, рачно изработени активности и забавни игри.
Ако погледнете назад, пред почетокот на оваа соработка и ја споредите со сегашната ситуација, дали гледате разлика кај децата и, ако да, за што точно станува збор?
– Да, секако се забележуваат разлики кај децата, бидејќи соработката со волонтерите има позитивно влијание врз нив. Прво, тие учат за културата на волонтерите, што е голем придонес за нив, бидејќи стекнуваат вредни информации за земјите на потекло на волонтерите, обичаи и традиции. Исто така, се справуваат со јазичните бариери, при што најпрво користат невербална комуникација, а потоа стекнуваат нови зборови на англиски или на мајчиниот јазик на волонтерот. Социјализацијата е исто така важен фактор, што овозможува создавање убави врски меѓу децата и волонтерите.
Сигурно, низ овој процес поминале волонтери од многу земји и различни култури. Како реагираат децата кога за првпат се сретнуваат со волонтер од земја или култура со која претходно не се сретнале?
– Кога првпат среќаваат волонтер од нова земја, децата се многу љубопитни да дознаат од каде доаѓа, како е во неговата земја и што е специфично за неа. Помалите деца, веднаш при првото запознавање, им се фрлаат во прегратка на волонтерите, како да ги познаваат цел живот и комуницираат со нив многу природно.
А при и по завршувањето на соработката? Обично, децата создаваат врска со волонтерите… Како реагираат кога некои од овие волонтери заминуваат и не се враќаат?
– Децата знаат дека волонтерите не се од нивната земја и дека во одреден момент мораат да се вратат дома кај своите семејства. Ние се простуваме и секогаш ги очекуваме со радост кога ќе се вратат во градот.
Кое е вашето мислење за волонтерите? Можат ли тие да донесат промени во заедницата и, ако да, како? Или е едноставно губење на време?
– Среќна сум што можам да соработувам со волонтерите! Тие се прекрасни млади луѓе кои секојпат им носат радост на децата. Се посветуваат и се вложуваат во сè што прават со нив, а децата, за возврат, ја чувствуваат нивната љубов и посветеност. Волонтерите носат насмевки на лицата на децата.
Кои се Вашите идни планови?
– Посакувам повеќе волонтери кои ќе донесат што повеќе насмевки на лицата на децата и кои ќе ја сакаат својата работа! Тоа е најважното! Ви благодарам на вас, драги волонтери, за љубовта и посветеноста што ја покажувате кон децата и координаторите за оваа прекрасна соработка!
Даниел Шикоски
наш долгорочен ЕСК-волонтер во Арад, Романија