You are currently viewing Четири месеци волонтирање, доживотни спомени

Четири месеци волонтирање, доживотни спомени

Првите четири месеци од нашиот полугодишен ЕСК-проект (Европски Солидарен Корпус) во Аруба се покажаа како едно неверојатно животно искуство! 

Јас и Марија од Македонија, Деспина од Грција и Паскал од Германиjа, бевме пречекани со насмевки и прегратки од CEDE Aruba – нашата организација/домаќин. 

Ние четворица заедно со другите локални и меѓународни волонтери се вклучувавме во разновидни иницијативи кои придонесуваа за подобрување на локалната заедница на овој мал остров со околу 150.000 жители. Тука, волонтерските можности се бесконечни. Волонтиравме во засолниште за животни, пливачки турнир, старечки домови, училиште за скејтбординг и пошумување на овошни дрвја во училишта и градинки заедно со други алтруистични индивидуи. А преку самите ангажмани бевме изложени на културна размена со живописни личности од Европа, Карибите и Јужна Америка.

Покрај локалните иницијативи и проекти, бевме вклучени и во организирањето на меѓународна „Еразмус+“ обука за ментално здравје кај млади, организирана од CEDE Aruba, а на кој учествуваа младински работници од Македонија, Полска, Романија, Србија, Италија, Словенија и Литванија, како и од Карипските острови Курасао, Свети Мартин и Гвадалупе, кои претставуваат прекуморски делови на Холандија и Франција. Би ја издвоил интернационалната вечер каде сите учесници ја претставуваа својата земја преку храна и пијалоци, танцови, квизови и игри, при што заедно со другите тројца учесници од Македонија ги промовиравме ајварот, белото сирење и ракијата. Се потсетивме на прекрасниот вкус на ајвар и сирење намачкани на леб.

Оваа размена на идеи меѓу мештаните и странците создадоа живописна и пријатна атмосфера, во која сите уживавме и напредувавме.

Надвор од нашите волонтерски ангажмани, слободното време го користиме да го истражуваме островот и да стекнеме нови животни искуства. 

Би го издвоил 71-то издание на карневалот што се одвиваше низ текот на целиот февруари и се состеше од дневни паради за деца, студенти и возрасни, како и натпревари за убавина – избори за ’Мис Аруба’ во повеќе старосни категории. Ние како група учествувавме во отворена парада што траеше од полноќ до раните утриниски часови. 

Да, искусивме и топол дочек на Новата година на плажа. Крстаревме на катамаран, бевме на трибините на турнирот за тенис на плажа, а во вообичаените викенди уживавме во прекрасните песочни плажи и топлото тиркизно море. 

Јас лично ја искористив можноста за часови за рекреативно нуркање со професионален инструктор, па за првпат го искусив подморскиот свет и видов како разнобојни корали и риби изградиле екосистем на потонати бродови и авиони. А покрај нив, имавме близок контакт со октопод, морска муренска јагула и риба-лав.

Преку организирање на работилници и настани до поддршка на еколошки иницијативи и напори за општествена инклузија, верувам дека допрва ќе го развиеме потенцијалот за да оставиме силен печат во нашето 6-месечно волонтерско патување. Можам да потврдам дека преку сите овие активности научивме нови вештини, ја прифативме новата култура и развивме трајни контакти кои надминуваат илјадници километри океан. И со нетрпение ги очекуваме новите предизвици и можности што ќе се случат во остатокот од нашето време во Аруба. Очекуваме исто толку многу можности за учење, споделување и правење суштинска разлика во заедницата!

Топло го препорачувам волонтерското искуство преку Европскиот Солидарен Корпус за сите млади кои се меѓу 18 и 30 години и се во потрага по незаборавна авантура низ Европа или, како во нашиот случај, низ Карибите и Јужна Америка. Ваквото искуство се докажа како навистина единствено и незаборавно. 

Никола Јовановски

долгорочен ЕСК-волонтер во CEDE Aruba