You are currently viewing Истражувајќи ја Македонија, пронаоѓајќи се себе си

Истражувајќи ја Македонија, пронаоѓајќи се себе си

Точно пред една година, ги предадов сите документи во амбасадата на Македонија во Полска и чекав да добијам привремен престој за да одам во Македонија. Имав измешани емоции околу преселбата во странство на една година и волонтирањето во Волонтерскиот Центар Скопјe (ВЦС). Од една страна, се чувствував возбуден да го променам мојот живот, да запознаам нови луѓе, да имам интересна работа и да научам македонски јазик. Но, исто така, чувствував страв за тоа што ќе правам со мојот живот во иднина, дали ќе се прилагодам на новото место или дали ќе ми недостигаат моите пријатели во Полска. По два месеци чекање за виза, конечно отидов во Македонија со автобус, 24-часовен пат, за да можам да размислам за оваа голема промена. Откако пристигнав во Скопјe, се чувствував добредојден и тогаш знаев дека ова ќе биде добро место за мене.

Пред да отидам на волонтирање, работев во кол-центар, тоа сè уште беше канцелариска работа, но стилот на работа е различен. Сфаќам дека тука всушност имаме простор за нашата креативност и индивидуалност. Една од главните работи што ги работиме тука е списанието ВОИСЕС. Во овие 10 месеци, напишав околу 10 статии на различни теми, од статии за мојот регион Шлезија до статии за културата на компири во Германија и Полска. ВОИСЕС има исто така подкаст каде што можеме да споделиме работи што ни се допаѓаат со нашата млада публика. Направив подкаст за кафе, живот во Македонија и за стрес. Преку ова искуство, имав можност да се испробам во снимање, како и во подготовка и уредување.

Нашето волонтирање е тесно поврзано со неформалното образование. Претходно учествував во многу европски проекти, па затоа бев запознаен со истото, но тука ги усовршив вештините за организирање различни работилници – од јавно говорење до правење џебни пепелници. Всушност, сè што правиме тука е поврзано со споделување на нашето знаење и стекнување нови вештини.

Пред да дојдам тука, не се гледав себеси како некој што е преокупиран со социјалните медиуми. ВЦС имаше и Инстаграм и Фејсбук, но на ТикТок организацијата не беше толку активна. Кога пристигнав, предложив да го вратам ТикТок во живот и со текот на времето, почна доста да допира до публиката. Научив како да креирам видеа и да ја проширам мојата креативност со изнаоѓање на свежи теми и идеи. Сега, се чувствувам посигурен во објавување и присустноста на социјалните медиуми.

Волонтирањето не е само официјална секојдневна „работа“, туку и врски со локалната заедница. Во тоа време организиравме многу караоке вечери или паб квизови за да ги запознаеме локалните млади луѓе. Првото локална личност што ја запознав беше мојот македонски ментор, кој ми го покажа градот и ми ги објасни локалните обичаи и разлики. Но, тој не беше единствената личност со која се спријателив. Преку многу настани, па дури и случајни моменти, изградив многу пријателства и со локални жители и со странци. Во слободното време, патував и низ Македонија и на Балканот. Бидејќи Македонија е во центарот на регионот, имав можност да посетам навистина многу места.

Исто така, имав своја рутина во градот. Со тоа што живеев некаде подолго време, можев да најдам места што ми се допаѓаат, добро да го запознаам градот и да откријам нови интереси. Почнав да учам македонски, што ми покажа колку фасцинантни и корисни можат да бидат другите словенски јазици во секојдневниот живот. Како волонтер, имав повеќе време во мојот дневен распоред, па почнав да одам во теретана, која е на само 5 минути од мојот стан. Видов дека тоа ми донесе подобра навики и повеќе можности да се запознаам со локалното население.

Би рекол дека досега ги исполнив најголемиот број од моите цели. Научив македонски до тој степен што водам секојдневни разговори, запознав многу неверојатни луѓе и се чувствував исполнето на моето работно место. Исто така, открив што не сакам да правам во иднина, па кога ќе се вратам, мислам дека ќе ми биде полесно да ја пронајдам мојата насока во животот. Со себе ќе понесам многу спомени и искуства од Македонија и дефинитивно можам да кажам дека би го направил сето ова повторно.

Јакуб Покучински

Организација-испраќач: Bona Fides