You are currently viewing Уривање на Бинарноста

Уривање на Бинарноста

Дали знаете што е родова еднаквост?

Нашиот тим беше на еднонеделната обука преку програмата „Еразмус+“, на тема „Родова еднаквост: Алатки за работа со млади“, која се одржа од 12 до 17 мај во Пењаранда де Бракамонте, Шпанија.

Марија: Нашата обука започна со игри за меѓусебно запознавање, а во следните денови имавме интерактивни сесии поврзани со темата. По завршување на активностите што беа предвидени за денот, секој беше дел од групата за рефлексија каде се разговараше што сме научиле и како се чувстувавме во изминатиот ден. За време на проектот имав прекрасни моменти, запознав многу нови луѓе и научив факти што претходно не ги знаев.

Ева: За време на проектот истражувавме и дискутиравме за родовите нееднаквости присутни како на глобално така и на локално ниво, дискутиравме каде се најзастапени и споделувавме мислења и различни предлози за тоа како да се намалат стереотипите и дискриминацијата. Сесиите нè охрабруваа да размислиме како, свесно или несвесно, секој од нас може да биде дел од таквото однесување и како можеме активно да работиме за истото да го промениме. Исто така, имавме отворени дискусии на различни теми и истражувавме практични алатки кои помагаат подобро да се разбере родот како природен дел од тоа кои сме, како се чувствуваме и како тоа се изразуваме во светот. За време на овој проект запознав неверојатни луѓе, имав прекрасно искуство и добив поголема свесност за многу теми за кои претходно немав размислувано.

Стефан: Како и сите убави работи, и оваа обука заврши многу брзо, но верувам дека она што го научивме и спомените од таму ќе траат подолго. За време на проектот, научив многу за многубројните родови, родовото изразување, полот и сексуалната ориентација, важноста на користењето инклузивен јазик и многу други концепти што воопшто не се спомнуваат во формалното образование, а се од клучно значење за изградба на инклузивно општество што ги прифаќа сите, без оглед на различностите. Бидејќи бевме тим составен од различни луѓе, од различни професионални средини и со различни животни искуства, имав привилегија да учам од нив и да го споделам моето знаење за повеќе теми, особено за психо-социјалниот аспект на човековото однесување. Едно нешто што ќе го понесам со себе од оваа обука е: никогаш да не претпоставувам. Наместо да претпоставувам било што, секогаш ќе се потсетам да прашам и да разјаснам бидејќи она што можеби е прифатливо за еден човек, за друг може да биде сосема спротивно!

Нашата недела во Пењаранда беше повеќе од само обука; тоа беше патување и учење и отворање на нашите мисли кон различни перспективи, отворање на срцата кон љубов и прифаќање, учење како да ги слушаме луѓето со отворено срце, без осуда туку со љубопитност. Се надеваме дека овие чувства ќе останат уште долго, и наместо да згаснат, напротив, да горaт уште посилно, осветлувајќи го патот како надеж за нов, поинклузивен свет!

Марија Јошеска
Ева Миленкова
Стефан Николовски

Превод: Ева Миленкова

Организатор на проектот и домаќин: Fundación Plan B.