You are currently viewing Bonjour за нови авантури

Bonjour за нови авантури

Да волонтирам некаде ми беше цел многу долго време. Слушав за разни волонтерски искуства, што ја правеа таквата идеја многу интересна. Се прашував, со какви ли нови искуства ќе се вратам дома?

Како и многу од моите приказни со патувања – и оваа започнува спонтано. Помеѓу октомври и декември немав многу планови, па си помислив дека сега е совршено време за краткорочно волонтирање. Само неколку дена пред да тргнам, од организацијата Цитрус (Association Citrus) ме исконтактираа да потврдат сум прифатена да бидам волонтер. А можеби се прашувате каде? Во убавата Франција!

Од сите места, зошто баш се одлучив за Франција? Во 2021 година, бев учесник на младинска размена и работен камп (workcamp) во Франција. Тоа искуство остави длабок впечаток и баш го засакав тоа место. Луѓето со нивниот пријатен однос, цигари, кроасани, ѕвонливото “Bonjour”, шармантните мали гратчиња и села обоени со автентичност, малите продавнички, кафето, убаво одржувани распространети ливади… совршенство. Кога видов отворен повик за волонтери на страницата на ВЦС, аплицирав без двоумење. И така започна мојата приказна со волонтирање.

По пристигнувањето, сфатив дека само уште една девојка, Икрам од Мароко, е во куќата со мене. Ние две бевме сами првите два дена. Едвај чекав да ги запознаам другите тројца волонтери: Харуто од Јапонија, Лазло од Унгарија и Влада од Украина. Последниот волонтер, Насер од Јордан, дојде после една недела. 

Наша одговорност беше одржување на куќата, готвење и хранење кокошки. Дополнително, бевме задолжени за двата работни кампови организирани од Citrus, што траеа 2 недели. Да ви кажам најискрено, тоа искуство беше уникатно. Двата кампа се одржаа на различни места, местото каде што бев јас се вика Голфеш, населба позната по нуклеарната електрана. Општината беше крајно инволвирана во настанот. Eден ден откако сите пристигнаа, во понеделник, ни организираа забава за добредојде, со професионални готвачи кои ја подготвија храната. Таа вечер за прв пат пробав паштета од патка со урми… многу деликатен вкус. Жителите беа за пофалба. Дури имав шанса да им раскажувам за Македонија – мојата земја со која тие не се многу запознаени. Следните денови личеа вака: Од 8 до 12 часот работевме на изградба на две надворешни маси и 4 клупи. Изгравиравме друштвени игри на површините на масите – сето тоа од нула. Дури и користевме некои машини што никогаш не сум ги видела, целосно ново искуство . После ручек, околу 12 ипол, што беше подготвен секој ден од учесниците кои остануваа тој ден во куќата, се одмаравме до 15 часот. Тогаш, почнувавме со попладневните активности. Наше беше да смислиме активности за групата. Но тоа не беше се. Ние (волонтерите), исто така, управувавме со задачи како што се координација со градоначалникот и општинскиот персонал, се грижевме секој во групата добро да си поминува и се справувавме со буџетот за работниот камп. Целото искуство беше мешавина од организација, комуникација и тимска работа, неверојатна можност за учење, сигурно. Го искористивме максимумот од секој ден, пробувајќи нешто ново. Општината донираше велосипеди, па еден ден се возевме по најубавата рута покрај реката. Беше есен, а пејзажот го одземаше здивот. Ја истраживме нуклеарната електрана – ни одржаа предавање за као таа функционира,  игравме country танц, пробавме јога, отидовме во градот во близина – Монтобан. Истото попладне нè угости сопственикот на локалната пицерија, нудејќи бесплатна пица за секој од нас. Еден ден, ручавме во локалната градинка и подоцна игравме бинго со пензионерите. Најискрено, тие би можеле да го направат олимписки спорт! Добро е што ми останаа очите и мозокот функционални после тоа. Имавме слободна сабота, па секој си ги одбра активностите – некои отидоа во Тулуз, некои шетаа на велосипеди, а некои се одлучија да посетат и други градови. На 30-ти октомври беше интернационалната вечера и беше преубаво што сите се посветивме максимално. Решив да направам поховани тиквички и притоа си изгорев два прста. Држењето рака цел ден во ладна вода е уникатна забава. Но, атмосферата таа вечер направи сето тоа да вреди. За подготвување на интернационалната вечер секој даде се од себе, вложувајќи време и напор за готвење јадење преку кои ги покажаа своите вештини и култура. Луѓето од Голфеш, исто така, допринесоа на интернационалната вечер  со домашно спремена храна. Сите се собраа заедно – чиста магија. О, и моите поховани тиквички добија печат на одобрување, така да, вредеше! Следната вечер, на 31 октомври, отидовме на забава за Ноќта на вештерките… или така мислевме. Кога стигнавме, градот изгледаше повеќе како град на духови отколку место што наговестува забава – празно и темно. Сепак, го искористивме максимумот! Во последните неколку дена, откако завршивме со изградбата на масите и клупите, имавме слободно време за други активности. Со комбе на наше располагање, го направивме она што секој би го направил: патувања! За мене беше совршено. Но, морам да напоменам – нашиот возач беше Германец, и да речеме дека стилот на возење беше повеќе Формула 1 отколку обично возење.

… и ДОЈДЕ ДЕНОТ НА ЗАМИНУВАЊЕ… дојде толку брзо. Отпрвин се исплашив колку бавно поминуваше првата недела, но втората одлета. Збогувањето беше прилично тешко – тага, солзи.. целиот пакет. При секое заминување, јас ја пуштав Follow the Sun од Ксавиер Руд – солен избор, знам. Емоции прштеа, а песната имаше дополнителен ефект на емотивна тортура, се надевам дека сите уживаа во искуството како јас. Истиот ден кога заврши работниот камп, се вративме во куќата и ги чекавме другите 3 волонтери да дојдат за да можеме да ги споделиме нашите искуства. „Wild Ride“ е добро резиме за тоа. Бидејќи имавме само уште 3 дена пред Насер, Насер и јас да се вратиме дома, решивме да го направиме повеќе од незаборавно. Дегустиравме вина,  истражувавме блиски градови, сликавме, се однесувавме како инфлуенсери додека ги пробувавме макароните (macaroons) купени од различни продавници, си правевме забава… убави времиња. Ако навлегувам во детали, веројатно треба да започнам подкаст 😊.

Морам да ги спомнам Харуто и Влада. Едно знам сигурно: никогаш не знаеш навистина што те чека додека не ја искористиш шансата. Никогаш не очекував дека ќе сретнам луѓе кои ќе ми дојдат толку блиску на срцето, но моето пријателство со нив е нешто што засекогаш ќе го ценам.

Ако сте љубопитни да станете волонтер или да се приклучите на проектите на Еразмус+, очекувајте да излезете од вашата школка. Вие не само што ќе откриете нови работи за себе, туку и како другите луѓе живеат, размислуваат, јадат и танцуваат. Овие искуства се полни со уникатни авантури и ќе се здружите со луѓе што никогаш не сте ни помислиле дека можете  да се дружите. Ќе пробате нова храна и ќе имате неверојатни приказни за раскажување, и, кога ќе  имате 60 години, внуците ќе се восхитуваат колку сте кул .

Сара Левиќ

Организација-домаќин: Association Citrus