„Кога ќе се тргнеш од познатото, често се враќаш поблиску до себе.“
Понекогаш едно патување знае да ти подари повеќе од само нова дестинација. Ти дава простор да ги поставиш прашањата што си ги носел со месеци, да слушнеш размисли различни од твоите, а сепак толку блиски. И токму такво искуство ми донесе обуката за „Еразмус+“-проектот: „Let’s Get Intercultural“, кој седум дена се одвиваше во Словенија, а живее во мене многу подолго.
Темата: „Интеркултурен дијалог и социјална инклузија“, нè повика да погледнеме подлабоко во тоа како да градиме простори што прифаќаат. Простори каде луѓето од маргинализирани заедници не се само вклучени, туку прифатени и слушнати. Преку работилници, отворени разговори и тимски предизвици, учевме да препознаеме невидливи бариери и, уште поважно – да ги срушиме.
Учесници имаше од Македонија, Словенија, Хрватска, Шпанија, Турција, Финска, Германија, Италија, Ерменија и од Јордан, и секоја земја внесе нешто свое. Разновидноста не беше само факт, туку сржта на секој ден. Секое утро започнувавме со различна културна перспектива, а завршувавме со заедничка точка на разбирање. Баш во тие мали моменти, во она што нè одделуваше, всушност, – се најдовме.
Ние од македонскиот тим веднаш си кликнавме со хрватскиот. Имавме сличен јазик, но и повеќе од тоа – носевме слична енергија. Онаа балканска топлина што нè се глуми, туку се чувствува. Доволна беше една насмевка, една импровизирана шега среде сесија за да знаеме дека се разбираме. Се создаде пријателство што знам дека нема да заврши со последниот ден од проектот.
Сместени бевме во младински хостел во Велење – мирно место со топла атмосфера, совршено за нови мисли и инспирација. Особено ми остана во сеќавање прошетката покрај Велењско езеро (Velenjsko jezero). Вештачко езеро, како сино огледало што ги рефлектираше нашите мисли и разговори. Таму, некаде покрај водата, почнав да ги поврзувам сите нешта што ги слушав и чувствував претходните денови. Ми се чини дека најмногу учевме – не во самите сали – туку токму во тие неформални моменти кога си споделувавме приказни покрај езеро или додека заеднички готвевме по групи.
Како дел од програмата, имавме можност да прошетаме во Љубљана. Но, ова не беше обична туристичка тура, бидејќи градот го доживеавме одблизу: низ разговори, преку уметноста на улиците, мирисот на кафе од локалните кафулиња и звуците на музичари покрај реката. Секој агол на Љубљана ми изгледаше како тивок повик да застанам, да забавам, да го почувствувам сегашниот миг.
Ако морам да го сумирам ова искуство, не би го сторила со статистика, ниту со список на активности. Би го раскажала преку луѓето. Преку сите нови пријателства што ги стекнав: искрени, длабоки, вистински. Тие разговори што почнуваат со „Од каде си?“ и завршуваат со „Те чекам да дојдеш кај мене.“ Тие мали гестови: споделено чоколадо, рака на рамо, ноќен разговор за животот… што остануваат под кожата.
Ова патување ме потсети дека кога ќе излезеш од својата удобна зона, всушност, стануваш повеќе свој. А кога ќе се отвориш за другиот – културно, емпатично, со почит – тогаш се отвораш и за себе.
„Некои средби не се случајни – тие се повик на душата, која знае што ѝ треба пред умот да сфати.“
Анастасија Ѓорѓиевска