Ми беа потребни две возења со автобус, метро и воз, за после 18 часа да пристигнам на мојата дестинација. Дебрецен, Унгарија беше мирно место со пријатно време и живописни пејзажи кои ми создадоа пријатно чувство за овој проект уште на самиот почеток. Пристигнав точно навреме за вечера каде што добив можност да ги запознаам останатите учесници, кои до крајот на проектот ќе ги наречам мои пријатели. Се почувствував добредојдено и удобно во секој аспект.
Се разбудив многу возбудена за тоа што ме чека. Бев желна да учам, да се социјализирам, да се забавувам, но најмногу од се, да имам уште едно прекрасно „Еразмус+“ доживување. Првата активност која беше игра за запознавање, како и гостопримливиот пристап што го имаа фасилитаторите, направија тоа што беше соба со непознаници брзо да се претвори во соба со креативци, размислувачи и пријатели.
Не многу подоцна, преминавме кон главната причина за која дојдовме од своите земји на ова прекрасно место. Обуката за проектот “Act it out” имаше за цел да нѐ доближи до методите за Театарот на угнетените. Главниот фокус беше форум театар, театар на слики и театар на весник. Начинот на кој нашите фасилитатори нѐ водеа во темата беше повеќе од само едукативен – беше трансформативен. Тие не само што нѐ научија на методите, туку нѐ водеа низ искуства што ја оживеаа теоријата, што ни помогна не само да ги разбереме концептите, туку и да ги почувствуваме, да ги живееме. Овие методи станаа наше оружје за справување со чувствителни теми како што се половата нееднаквост, стигмата за ментално здравје, дискриминација и молчење околу злоупотреба.
Дојдовме зборувајќи различни јазици, но ја делевме истата копнеж – да го изговориме неискажливото. Влегувајќи во улога и излегувајќи од нашите рамки на удобност ја претворивме оваа обука во простор за чувствување, викање, плачење, смеење, замрзнување и движење. Беше помалку како претстава, а повеќе како подготовка за реалноста, каде што промената започнува само со едно смело прашање: Што ако направевме некои работи поразлично?
На крајот си заминав со повеќе од она што можев да го очекувам. Знаењето што го стекнав, професионалните врски кои ги создадов, местата и културите што ги видов и доживеав, забавата што ја имав и пријателствата што ги изградив, кои ќе траат вечно, ми го исполнија срцето со задоволство и воодушевување. Засекогаш ќе бидам благодарна што имав можност да бидам дел од такво искуство кое го променува животот. Дојдов на овој проект надевајќи се дека за момент ќе избегам од сопствената реалност, но наместо тоа, влегов во сосема нова која ми ги отвори очите, ми го разбуди срцето и ме потсети што значи да се биде човек.
Јелопи Седеу Нишевиќ
Проектот „Act It Out!“ се одржа во Дебрецен, Унгарија од 11.05. до 20.05.2025 година. Организатор на проектот и домаќин беше Hang-Kép Egyesület.
Слики: Фејруз Саиди