Запознајте го Даниел, волонтер во проект од програмата „Европскиот солидарен корпус – ЕСК“ во Арад, Романија, кој трае повеќе од 9 месеци и е координиран од Ofensiva Tinerilor. Прочитајте ја неговата статија за да ги откриете првичните размислувања и впечатоци на Даниел за неговото волонтерско патување:
Имам прилично многу искуство со „Еразмус – проектите“. Некои – поубави, некои и не толку убави, некои – поинтересни, некои можеби и не толку интересни. Многумина велат: „Па да, тоа е Еразмус, да искусиш се и сешто, да научиш повеќе и да бидеш подобра верзија од себе.“
Но, во моментов сум на едно сосема поразлично волонтерско искуство од сите досегашни. Искрено сум збунет, но и позитивно изненаден. Живеам со „цимери”. Сигурно ги видовте наводниците и веќе нешто ви е чудно. Да, ако се водиме според формални изрази – ние сите овде сме цимери, но во пракса не е баш така, бидејќи ние живееме како семејство, а меѓу себе се викаме браќа. Буквално ист леб јадеме.
Со срдечна почит кон сите други организации со кои сум имал искуство, би рекол дека организацијата Ofensiva Tinerilor е една од ретките организации кои лично сум ги запознал, а која ги става волонтерите на високо место по важност и има пријателски однос со нив.
И да, ЕСК-волонтерското искуство е прекрасно кога ќе слушнеш дека си избран да учествуваш, но кога ќе дојде време да се спакуваш и да заминеш – не е баш толку интересно, знаејќи дека таму некаде далеку ќе бидеш 9,5 месеци. Дека ќе треба да го оставиш семејството, пријателите и се друго, и да заминеш некаде каде што ќе мораш да се навикнеш на сосема друга ситуација, сосема нови луѓе, нова рутина, нови правила, нов јазик, непозната средина… и кога ќе пристигнеш, се соочуваш со најтешкото: наредните 9 и пол месеци – тоа е твојата реалност. Но, овојпат тоа и не беше случај со мене, бидејќи работите секогаш се многу поинакви, доколку при потешкотија се сетиш дека секогаш има некој покрај тебе кому можеш да му се обратиш за совет, некој кој постојано те поддржува и секогаш искрено те разбира. А во мојот случај тоа е мојата организација – испраќач: Волонтерски Центар Скопје.
Што имам да им порачам на сите они кои сакаат некаде да волонтираат?: Проекти, „сендинг“ и „хостинг“ организации низ светот има колку сакате, не е проблем уште денеска да најдете нешто за вас, но нека не ви личи текстов како на некој што само фали се и сешто околу себе, туку како што се вели: „Слушај паталец, а не гаталец“. Имам 8-годишно искуство на проекти, но единствено на овој проект овде го живеам она што од секогаш го замислував (иако, не би рекол дека сум многу креативен за сецкање, цртање и правење оригами, но важно е што јас сакам да научам, а сите други околу максимално ме поддржуваат и помагаат во тоа.”
Даниел Шикоски