Волонтерски Центар Скопје е дел од проектот: Обука без стереотипи (TWOST), финансиран од италијанската Национална агенција „Ерасмус+“ во рамките на КА2 програмата на Европската комисија. Станува збор за проект што се одвива од септември 2019 година до февруари 2021 и има за цел да спречи родова дискриминација меѓу младите. Проектот се однесува на меѓусекторска соработка, овозможувајќи поголеми синергии во сите полиња на активности што се однесуваат на младите, со посебен фокус на пристап до нивните права, автономија, учество и активно граѓанство на младите, избегнување сегрегација, промовирање на заеднички вредности, почитување меѓу половите и одбегнување предрасуди за нивната сексуалност.
Социјалното вклучување на младите луѓе со помалку можности е главната точка на поврзување на овој проект со нивната реалност низ цела Европа. Една од главните пречки за социјалната вклученост се стереотипите. Стереотипизацијата е важен концепт во современата социологија и социјалната психологија.
Целните групи на овој проект се младински работници, млади луѓе жртви на стереотипи засновани врз родово насилство, млади луѓе со помалку можности, млади жени, млади луѓе со мигрантско потекло, азиланти, бегалци, припадници на ЛГБТ-заедницата, етнички малцинства, жени со попреченост, жени што живеат и(ли) работат на улица.
Општата цел на проектот е зајакнување на превенцијата и поддршка на борбата против стереотипите и родовото насилство кај младите во Европа преку воведување дигитални иновативни ресурси и вклучување на младите луѓе со помалку можности.
Апликант на проектот е: Centro Studi Cultura Sviluppo Associazione (CSCS) од Италија. Покрај ВЦС, други партнери на проектот се: Asteri (Грција), Associacao Animam Viventem (Португалија), Xeracion (Шпанија), Club Basquet Granollers (Шпанија) и Centro Giovanile di formazione sportive associazione sportive dilettantistica (CGFS) од (Италија).
Ги покануваме сите релевантни фактори да ни се приклучат во натамошниот дел од проектот со цел подигнување на свеста во однос на оваа проблематика.