По ефективната акција за чистење на Водно, волонтерите од „За почиста Македонија“ предводени од нашиот Петар Стевановиќ продолжуваат со активностите за зачувување на природата и одржување на чиста околина. Во сабота (3 октомври) на дневен ред е Козјак, поточно преубавото место „Терасата на Козјак“ која е задушена во смет.
„Овојпат ќе ги здружиме силите со ‘I love hiking – group Macedonia‘ со цел да со собереме што е можно повеќе и да му помогнеме на ова прекрасно излетничко место“, најавува Стевановиќ.
Собирното место е во 9 часот кај Железничката станица во Скопје од каде ќе тргне бесплатен автобуски превоз од ЈСП Скопје. Акцијата за чистење на Козјак започнува еден час подоцна. Враќањето е предвидено за 16 часот. Собраното ѓубре ќе биде подигнато од камиони на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“.
Акцијата е поддржана од „Паблик рум“, „АлгаСан“, „Маја“, „Виталија“ и „Добра вода“, како и од јавните претпријатија на Град Скопје.
Активностите на неформалната група „За почиста Македонија“ се дел од проектот: European Youth at the frontlines of active citizenship: A Roadmap towards a collective South-North-East-West momentum, организиран од Волонтерски Центар Скопје, а поддржан од Европската комисија преку програмите „Ерасмус+“ и „Европските млади заедно“.