You are currently viewing Повеќе од оброк: Готвење на Еразмус+

Повеќе од оброк: Готвење на Еразмус+

На почетокот на декември, шест млади луѓе од Македонија, облечени во дебели зимски палта и со список од своите омилени традиционални рецепти, се упатија кон KulturHaus, куќа на периферијата на Бремен, Германија. Таму им се придружија уште 39 учесници од Италија, Литванија, Србија, Шпанија и Германија на Еразмус+ младинската размена „C.O.O.K.“, каде што десет дена заедно подготвуваа јадења од секоја земја.

Од самиот момент на пристигнувањето, тие почнаа да ја претвораат куќата во дом. Со активностите за ззапознавање брзо ги претворија странците во пријатели, од speed-friending и „Mission Impossible“, до, можеби највпечатливото, прошетка низ околната шума. Одејќи во парови по патеката, учесниците одговараа на прашања со партнерот и се менуваа на секој свиок, откривајќи не само прекрасен зимски пејзаж, туку и приказните зад секоја личност: од омилени филмови и книги, до семејни традиции и животни искуства што ги обликувале во тоа што се денес.

Назад во KulturHaus, кујната стана срцето на размената, преполна со луѓе, вкусови и зачини. Секој ден беше посветен на храната и културата на една од земјите учеснички. Учесниците беа поделени во „семејни групи“ преку интерактивна игра, при што секоја група имаше по еден претставник од секоја националност. Овие „семејства“ станаа мали тимови задолжени да подготват целосен оброк за земјата на денот, да организираат интеркултурни вечери или да придонесат кон дигитална книга со рецепти во која беа забележани сите јадења подготвени за време на младинската размена.

Денот пред финалната прослава, тимот од Македонија ја презеде главната улога и подготви оброк од шест јадења. Менито ја вклучуваше мусаката како главно јадење, традиционална сезонска салата, мекици послужени со различни намази, меѓу кои и ајвар, и, секако, сирење донесено директно од дома. Паралелно со оброкот, тимот презентираше 35 факти по повод 35 години независност, комбинирајќи историја, хумор и неочекувани детали што направија сите да се почувствуваат како да направиле еднодневна посета во Македонија. Размената беше полна со изненадувања: литванската кујна ја исполни целата куќа со силниот мирис на лук; разновидниот германски тим подготви не само традиционални германски јадења, туку и индиска и турска храна во чест на потеклото на секој член; италијанската интеркултурна вечер се претвори во жива реконструкција на фестивалот Санремо, додека Србите пресоздадоа традиционална свадбена прослава.

Како што неделата одминуваше, готвењето стана повеќе од рутина, се разви во уште еден клучен аспект на проектот: раскажувањето приказни. Секој ден започнуваше со активности насочени кон развивање на вештините за сторителинг, од вежби каде што парови комуницираа со слушалки, стоејќи грб-со-грб и покажувајќи колку интерпретација бара раскажувањето, до креативни групни задачи. Тие задачи доведоа до создавање кратки претстави во различни жанрови, замислувајќи како семејствата можеби ги споделувале оброците низ различни историски епохи. Резултатите се движеа од музичка вечера во Камено време до футуристичка драма за храната, заедно со многу други Еразмус + театарски ремек-дела.

Последниот ден беше кулминација на размената: учесниците ги подготвија шесте омилени јадења од изминатата недела, претставувајќи ги сите вклучени земји. За последен пат, кујната зоври од познатиот ритам на подготовка на гозба што го отсликуваше духот на целиот проект. Додека се додаваа последните детали, се фотографираше за книгата со рецепти и внимателно се редеа чиниите, групата го сподели својот последен заеднички оброк пред вечер исполнета со меланхолични збогувања. До крајот на неделата, декемврискиот студ надвор се чувствуваше многу помалку. Топлината доаѓаше од заедничките искуства, и во и надвор од кујната, од новите пријателства и подлабокото разбирање на културата, претворајќи една обична куќа во Германија во дом за сите, од професионални готвачи до почетници.

Емилија Крстевска

Проектен партнер: NaturKultur e.V.