На Медитеранот се наоѓа остров кој ја крие тајната на долговечноста. Можеби оваа тајна е поврзана со среќата. Сардинија ги има и двете, но што ако тие сочинуваат едно и равенката е едноставна: среќа=долговечност.
Една недела во Сардинија овозможува преглед на она што се случува таму, што е многу повеќе од прекрасните азурни води и песочни плажи. За подобро да разберете, мора да ја посетите внатрешноста, срцето на Сардинија, како дел од заедницата, не само како турист. Луѓето таму се доста љубопитни. Ќе ви поставуваат прашања на кои ќе ги разберат вашите одговори без разлика на јазичната пречка која постои. Гестикулациите повеќе кажуваат од зборовите. Гостопримливоста ја има во секоја можна форма, нудејќи: насмевка, чаша вино, рецепт за малоредус (тоа не се њоки!), и покана во нивниот дом.
Студиската посета “VOLume Up!” организирана од SIEDAS и TDM2000, која се одржа од 13 до 19 ноември во Сардинија, на која беше повикана група млади работници започна во Каљари. Збогувајќи се со познатото, со она што се сретнуваат типичните туристи на брегот, се движевме кон местата кои ги нарековме: „скриените богатства на островот”: Нури, Есколка и Сеуло.
Нури ја откри тајната на брашното и пастата на Сардинија. Посетивме фабрика за брашно која својата традиција ја носи уште од 1931 година. Во хотелот лоциран до реката Лаго Басо дел Флумендоса, управуван од тим од 6 готвачи, направивме традиционален леб и слатки, и го научивме занаетот за подготовка на познатите малоредус и фрегула, најчестите видови на тестенини во Сардинија. Есколка понуди дегустација на едно од најпрефинетото маслиново масло и ни овозможи да откриеме дека маслото може да е луто, што е шокантно вкусно. Бевме поканети на вински фестивал и добредојдени од локалците како нивни соседи, со што бевме вклучени во заедницата речиси цело попладне. Се воодушевивме кога откривме како продуктите кои ги нудеа, од кашкавал до парче пица, се нивна гордост. Во горниот дел на Сеуло посетивме животинско засолниште, навраќајќи се на корените каде човекот, животните и природата биле едно. Arrexini Asula е организацијата која го креира ова мало парче рај, каде згрижуваат животни, истовремено вклучувајќи младинска едукација во природа. Во селото, долниот дел на градот, научивме како се ткае на разбој, дури и се обидовме да ткаеме черги. Посетивме и трашоп, каде може да се влезе со празни раце, а да се излезе со скапоцен пронајдок, оставен од некои на кој не му бил потребен или пак, направен од материјали најдени низ продавницата, како приврзок или обетки. Приквечерината во Сеуло е осветлена од сини улични светла. Овој регион на земјата е, всушност, еден од сините зони, што значи животниот век на луѓето е неверојатно долготраен, со што го објаснува мојот цитат од почетокот на оваа статија.
Во Каљари, се почувствувавме како веќе да ја имаме присвоено тајната и мудроста на островот. Сепак, понуди уште повеќе. Различни организации ни ги отворија своите врати споделувајќи ги нивните вештини, но, исто така, отворено зборуваа за своите предизвици и надежи за иднината. Locanda dei Buoni e Cattivi (гостилница „Добри и Лоши“) е место каде на луѓето со мачна позадина им се дава шанса повторно да се приспособат во општеството. Таму, поранешни престапници можат повторно да се вратат на работниот пазар и да научат како да сочувствуваат преку работа со лица со попреченост. Бидејќи секој заслужува живот вреден за живеење. Суканија е продавница на праведна трговија, каде можете да купите слатки или мал сувенир изработен грижливо, како доказ на почит, праведност и искрена работа. Вакви места се од голема важност давајќи порака дека мала одлука придонесува мала револуција. Unica Radio е студентско радио на универзитетот во Каљари, каде со споделување информации за сардиниската култура, на студентите им се овозможува прилика да стекнат вештина во новинарството. Овозможувањето на развојот кај младите е првиот чекор кон посилна писменост.
Половина од островот кој го видовме не’ остави со чувство на задоволна заситеност, но истовремено и малку глад за она што остана неистражено. Но, која беше целта на оваа научна посета и каде е програмата „Еразмус+“ во сето ова? Зошто беше од голема важност да се стане дел од заедницата, да се слушнат приказните, да се научи приготвувањето на тестенини? Бидејќи културолошкото наследство е бескрајна материја на инспирацијата. Без разлика на потешкотиите, има потенцијал. Можеме да градиме на тоа, за да ги зачуваме работите кои се важни. Да не се заборават. Научивме одлични примери од поединечни организации спроведени во руралните простори, и се вративме инспирирани. Бевме сведоци на тоа како соработката меѓу креативноста и добрината доведуваат до совршени резултати.
А зошто ги споменав долговечноста и среќата на почеток? Бидејќи така ја запознав Сардинија и така ќе ја паметам. Островот не пречека со раширени раце. Без брзање, нудејќи многу во краток временски период. Инспирирачки. Учејќи како може среќата да се пронајде во секојдневно малите нешта. И како би можеле да го претвориме потенцијалот во проект кој ќе го држи текот на инспирацијата цврст. На крајот од денот, да се биде инспириран значи да се биде жив.
И давам топла прегратка на Сардинија. Каде долговечноста е среќа.
Евелина Чанска
Превод: Тамара Николовска









