You are currently viewing Како 50 непознати луѓе станаа семејство преку музиката

Како 50 непознати луѓе станаа семејство преку музиката

Минатиот април ја имав неверојатната можност да учествувам во „Еразмус+“-проектот наречен: „Make Music Not War 4“ во Бремен, Германија. Проектот се одржа во куќата на организацијата-домаќин NaturKultur во Гарлштедт, мирно и инспиративно место опкружено со природа, совршена средина за креативност, соработка и поврзување.

Оваа уникатна иницијатива собра 50 млади луѓе од седум различни земји, меѓу кои Македонија, Србија, Хрватска, Германија, Турција, Грција, па дури и Гваделупе (Франција). Сите нè обединуваше заедничка страст кон музиката и желба да го промовираме мирот преку креативност и заедничко делување.

Основната идеја на проектот беше да се покаже како музиката може да ги надмине разликите и да изгради единство меѓу културите. За време на нашиот престој, учествувавме во разни интерактивни работилници, вклучувајќи креативно пишување, препознавање и решавање на општествени проблеми и тимска соработка. Овие работилници нè охрабрија подлабоко да размислуваме, послободно да се изразуваме и поефикасно да работиме како тим.

Бевме поделени во три бендови: еден со фокус на поп музика, еден на традиционална/експериментална музика и еден на рок. Јас бев дел од групата за традиционална/експериментална музика, и тоа беше едно од најкреативните и најисполнувачки искуства што сум ги имала. Секоја група сами си ги напиша текстовите, ја компонираше музиката, вежбаше и на крај ги сними своите песни за мир во професионално музичко студио.

Покрај музичарите, имаше и посветен медиумски тим – група талентирани учесници задолжени за управување со социјалните мрежи, промовирање на проектот и документирање на моментите зад сцената. Тие направија извонредни фотографии и видеа, споделуваа дневни вести и помогнаа во создавањето на визуелниот идентитет на нашето „патување“.

По снимањето на песните во студиото, снимавме и музички видеа за секоја песна – навистина возбудливо и незаборавно искуство. Со поддршка од главните ментори, медиумскиот тим ги осмисли креативните концепти за видеата, работејќи тесно со секој бенд за нашите песни да „оживеат“ на екраните. Заедно осмисливме сценарија, избравме облека и локации и глумевме сцени кои ги претставуваа пораките на нашите песни. Беше неверојатно да се види како нашата работа се претвора од звук во приказна.

Да не заборавам да ги споменам и вечерните импровизирани џем сесии кои се случуваа секоја вечер (без исклучок). По долги денови исполнети со создавање и соработка, се собиравме во заедничките простории со гитари, тапани, клавијатури, а понекогаш само со нашите гласови. Овие спонтани сесии ги опфаќаа сите можни музички жанрови, на сите јазици што можете да ги замислите. Од традиционален фолк до R&B, рок, поп, балкански звуци, рап и многу повеќе – секој придонесе со нешто свое. Не беше важно од каде си; во тие моменти сите бевме само музичари што заедно уживаа под ѕвездите. Овие вечери ми останаа едни од најдрагите спомени од целиот проект.

Како големо финале на нашето музичко патување, имавме можност да настапиме на два незаборавни концерти. Првиот беше уличен концерт во градот Бремен, каде свиревме песни од целиот свет и ја пренесувавме пораката за мир на минувачите. Вториот концерт се одржа во еден ноќен бар во Бремен, каде сите три бенда настапивме со нашите песни за мир, како и со кавери од познати светски хитови. Да ја споделиме нашата музика со жива публика по денови напорна работа – беше магично. Енергијата, единството и аплаузот направија да се чувствуваме како целиот труд да се исплати.

Работата со луѓе од толку различни култури беше навистина поучна. И покрај различните јазици и традиции, многу брзо најдовме заеднички јазик преку музиката. Научивме да слушаме, да се прилагодуваме и да ги почитуваме туѓите гледишта – и сето тоа со многу забава.

Еден од најнезаборавните моменти се случи во студиото, последните денови од проектот. Ја снимавме последната строфа од нашата песна, а нашиот водечки вокал (пејач) ја испеа со толку многу емоција, што ми надојдоа солзи. Во тој момент сфатив колку силно се поврзавме сите. Музиката ги претвори странците во пријатели и создаде врски кои изгледаа вечни.

Овој проект не беше само за создавање музика; беше за растење, емпатија и заедничка човечност. Се вратив дома со нова перспектива за соработката, креативноста и културната размена. Се чувствувам многу среќна што бев дел од нешто толку значајно.

Ако некогаш имате прилика да учествувате во проект од „Еразмус+“ програмата – сторете го тоа! Спомените, луѓето и емоциите ќе останат со вас засекогаш.

Анастасија Илиевска