You are currently viewing Преку „Еразмус+“-проекти до личен развој

Преку „Еразмус+“-проекти до личен развој

Во Сарата Монтеору, Бузау, Романија, бевме на „Еразмус+“-проект што се одржа во периодот од 11-21 ноември 2024. Покрај македонската група, учесници имаше и од: Летонија, Шпанија, Италија, Грција, Турција, Романија и од Чешка. Името на проектот беше: „When sorrow turns to pain“. Овие проекти, покрај заедничко учење, споделување на вредностите, учењето на различните култури кои постојат кај народите, имаат за цел и да поттикнат меѓусебно дружење кај учесниците кое понатаму би прераснало во вистинско другарство.

Јас, за првпат имав чест да се најдам во улога на тим-лидер. Можам слободно да кажам дека сум презадоволен од начинот на соработка, учеството во работилниците и од целокупниот ангажман на македонската група. Исто така, презадоволен сум и од ангажманот на останатите учесници и од фактот дека сите беа дружељубиви и постоеше меѓусебна комуникација и дружба. Ние, како македонска група, верувам дека успеавме во најдобро светло да ја претставиме нашата држава и одговоривме во целост на сите предизвици и задачи кои беа пред нас. Секако, се водевме по дневна агенда која ја почитувавме во целина.

Во секојдневните активности беше предвидено учесниците да ја претстават сопствената земја што беше одлично искуство, бидејќи на тој начин научивме и слушнавме работи што не сме ги знаеле за другите држави. Од тие причини, беше интересно и кога работевме во мешани тимови. Исто така, имавме можност да ги претставиме и состојбите, правата и интегрираноста на заедниците кои не се мнозинство во секоја држава одделно. Преку видеа кои беа подготвени од страна на сите учесници измешани по групи, беа претставени активности преку кои се цели да се подобри ситуацијата на припадниците на малцинствата. Секако, имавме и слободни активности во текот на денот кои ги користевме максимално за  дружење и соработка.

Во поглед на организаторот – имаме само најпофални зборови што го напишавме и во евалуационите прашалници.

За крај, им препорачувам на сите да учествуваат на вакви проекти, бидејќи многу придонесуваат во личниот развој. Мојата порака до секој кој се двоуми или има дилема во поглед на тоа дали се што е предвидено ќе биде реализирано, е следна: Воопшто не се двоумете, аплицирајте и учествувајте, бидејќи претставувањето на сопствената држава во вакви проекти придонесува кон личен развој во многу сфери.

Бојан Петрески