You are currently viewing ЕСК за почетници: Кисели краставички во една рака, животни лекции во друга

ЕСК за почетници: Кисели краставички во една рака, животни лекции во друга

Глава прва

Уште пред конечно да се спакувам за една година живот надвор од дома (чувството беше како да се обидувам да соберам цел циркус во кутија за чевли), веќе замислував што ќе напишам во овој прв извештај. Ги читав сите текстови од претходните волонтери, мислејќи што ќе кажам кога конечно ќе стигне мојот ред. А сега кога времето дојде, наидувам на кочница од едноставна причина: како да доловиш вакво неописливо искуство во помалку од илјада зборови?

Ме предупредуваа дека времето ќе летне, дека четири месеци ќе минат додека да трепнеш. Изгледа јас трепкам во забавена снимка, зашто овие четири месеци беа исполнети со толку многу случувања што се чувствувам како да сум проживеала втор живот. Стекнав толку неочекувани пријателства, се загубив во градови што претходно не можев ни на карта да ги лоцирам, и направив грешки кои ми оставија лекции за цел живот. Да не ги заборавиме и првите моменти овде, кога слетав во Бремен, со едно тркалце помалку, принудена да гo носам мојот розов куфер со светкави стикери, во раце до крајот на годината.

Волонтирањето со програмата ЕСК (Европски Солидарен Корпус) е навистина нешто посебно. По само четвртина од времето изминато, веќе не можам да си замислам каков би ми бил животот без него, да не зборувам за останатите три четвртини што доаѓаат.

Што можам да споделам со вас, драги читатели, за да го доловам овие четири месеци најблиску што можам? Да бидеме искрени, не беше сè мед и млеко. Животот ретко е таков. Влегувањето во сосема нова средина носи свои предизвици. Како предизвикот да носиш храна за цела седница во раце до дома, затоа што си заборавил торба, а не сакаш да платиш за уште една која ќе ја надополни пренатрупаната заборавена колекција во плакар. Така што, се враќаш дома, жонглирајќи со тегли кисели краставички и лути вегански пицички, со верба и надеж дека ништо нема да заврши на тротоар.

Дали сепак би го препорачала ова искуство? Без сомнение. Возбудата, радоста, забавата, и среќата што ги доживувам тука, далеку ги надминуваат стресовите и тешкотиите.

Хмм, што друго? Дома станав експерт за враќање на растенија од низа вегетативни фази. Некои никогаш не ги преживеаја, да бидеме искрени. Но, надежта последна умира, па така продолжувам да посвојувам нови цвеќенца од „Zu Vershenken“ (“да се подари”) или од Lidl за 2,50 евра, со стиснати палци дека следното ќе опстане. И ако некогаш се прошетате низ улиците на Бремен, не чудете се ако видите луѓе како носат огледала, столици, дрва во саксии, гардеробери, ноќни масички, па дури и огромни плишани мечки (слика во прилог). Тоа не е само локална навика – тоа сме јас и моите цимери уредувајќи си го станот без да потрошиме денар.

И никогаш не знаеш кој во градот, а камоли дома. За да отворат врата, на пример, ако чекаш пакет. Договарањето да одиш во Берлин или на езеро утредента е исто како да правиш планови за што да вечераме тој ден.

Ајде да станеме малку посериозни. Ова искуство навистина ми остави белег и ми ги разниша претпоставките. Во разговори со други волонтери, сфатив дека иако сите дојдовме тука од различни причини, најдовме неочекувани радости по патот. Тоа е убавината на волонтирањето во ЕСК – шведска маса за личен развој, со по нешто за секого. Само треба да знаеш од која чинија да земеш. Еве што мислам: за да станеме најдобрата верзија од себе, треба да се соочиме со предизвиците и со работите што не плашат, и да веруваме дека ќе излеземе од другата страна помудри и поотпорни.

Чувствувам огромна благодарност за околностите под кои сум тука. Можеби ако беа поинакви, ќе беше друга приказна. Но, тоа е работата со животот. Способноста да се адаптираме и да бидеме флексибилни е клучот за да направиме кое било искуство добро. Колку и да звучи клише, има вистина во старата изрека: кога ќе се фокусираш на светлата страна, сенките не изгледаат толку страшно.

Кога размислувам за следните осум месеци, се полнам со возбуда. Животот, исто како и ова искуство, е полн со изненадувања, тешки ситуации, и моменти на чиста радост. И ако си подготвен да се нурнеш во сè, да го задржиш отворен умот и да се смееш на самиот себе по патот, ќе откриеш дека наградите вредат секој еден пресврт и заобиколница.

Јоана Чуковска

Организација-домаќин: NaturKultur e.V.