Отсекогаш сум била човек, кој одлуките ги носи интуитивно. Веќе некое време (неколку години) размислував за тоа да се пријавам и да отидам на младинска размена преку програмата „Еразмус+“, но никако не се решавав… знаев дека ќе биде искуство кое ќе биде предизвик за мене и ќе ме извлече од мојата зона на удобност. Но, оваа година, односно ова лето во 2024 година, решив дека ќе биде полно со искуства и започнав да ги разгледувам огласите за проекти на страната на Волонтерски Центар Скопје. Во умот си имав зацртано дека сакам да одам на проект во Австрија, со цел повторно да ја видам Виена. Но, не најдов таков проект. И потоа одлучив, како и секогаш, да оставам на времето и случајноста и верував дека проектот кој е за мене, самиот ќе ми се открие. Еден ден на инстаграм, постот за „Let’s get mental“ се појави пред мене. Проект во Словенија, во чиј фокус би биле менталното здравје и уметноста. Како студент на книжевност што во голема мера уметноста ја користи за да се справи со предизвиците во животот (воглавно предизвиците во однос на менталното здравје), си помислив: Каде да се пријавам?
Така беше одлучено кој ќе биде мојот прв „Еразмус+“-проект. Случајно, без да очекувам такво нешто, бев избрана за тим лидер, што значеше дека пред размената ќе учествувам на подготвителна средба со другите тим-лидери што ќе трае 3 дена, на 3 недели пред размената (дознав дека ова не се случува на сите проекти, но на овој беше така) на истата локација на која би се одвивала и размената. Ми беше страв да патувам сама, но тоа што патував сама до Словенија (14 часа во автобус), всушност, ме ослободи. Бидејќи сум срамежлива околу нови луѓе, за мене беше предизвик да се опуштам и да се дружам со другите тим лидери, или барем мислев дека ќе биде. Но, тие беа многу дружељубиви и љубезни, и ми поставуваа интересни прашања за мојот живот, бидејќи се интересираа за одговорите, а не само како проформа. Клара Павлич, организаторката на проектот, беше одличен домаќин. Нѐ прошета во околината на Горење, селото каде се наоѓа одморалиштето во коешто бевме сместени. Природата таму е прекрасна и останав без здив. Таков мир и тишина не сум нашла на друго место досега (имаше и многу убави белокафеави крави насекаде).
Како што се наближуваше времето на размената, јас станував сѐ поанксиозна. Имав стравови во однос на запознавање на нови луѓе – странци. И навистина, кога отидов таму, на местото на кое веќе еднаш бев на подготвителната средба, се чувствував изместено, како да се гледам себеси од страна. Првата вечер ја поминав во ресторанот спроти одморалиштето со неколку девојки од хрватскиот тим, и таа дружба ми помогна да ми стане малку поудобно. Наредниот ден по пристигнувањето започнаа активностите, кои за мене претставуваа уживање. Дел од нив беа: неформално претставување на темата ментално здравје од студентки по психологија, правење колаж со цел претставување на нашата моментална благосостојба, истражување на себеси во однос на она што ни дава мир или ни го нарушува истиот, пронаоѓање на она што ни се допаѓа и не ни се допаѓа на глобално и локално ниво, а исто така мошне впечатлива беше терапијата преку уметност, т.н. art therapy. Круна на сите овие активности беше поделбата и создавањето уметност обработувајќи теми кои го опфаќаат менталното здравје, во рамките на три групи: филм, театар и ликовни уметности. По игра на случајноста се најдов во групата за ликовни уметности и создадов три надреалистични фотографии со помош на менторот во нашата група, Ника, фотограф по професија и која имаше многу убава енергија, така што поттикнуваше креативност. Исто така, секој ден имавме одреден дел од крајот на денот кога имавме можност да пишуваме, секој за себе во свој дневник и да извршиме рефлексија на активностите во денот кој поминал и тоа беше навистина од помош за да не дојде до чувство на преплавеност. Преку активностите успеав да се запознаам со сите учесници во размената и на тој начин ми беше полесно да се впуштам во дружба со нив попладне, по завршувањето на активностите. Времето во вечерите го поминувавме во гледање на тарот, пеење песни покрај оган под ѕвездите, играње друштвени игри, гледање филмови… Имавме и т.н. културни вечери, каде секоја држава ја претставуваше својата култура преку специфична храна и обичаи, како и споделување на интересни податоци. На овој начин се запознавме со шпанската, турската, словенечката, хрватската, литванската, секако и со македонската култура. Лично, особен впечаток ми остави културната вечер на литванскиот тим каде тие ни испеаа народна песна, и ни покажаа нивни народни танци во кои сите учествувавме. За време на размената имавме и еден слободен ден што го искористивме за планинарење во Рогла и ги видовме езерата.
Кон крајот на размената се спријателив со неколкумина и на подлабоко ниво и си разменивме адреси за да си праќаме писма и на таков интересен начин да ја продолжиме комуникацијата. Исто така, кога дојде време за разделбата не очекував, но пуштив и солзи зашто помислата да се разделам од луѓе со кои се поврзав и кои се навикнав да ги гледам секој ден, ми беше премногу тажна.
Сега, откако помина недела по завршувањето на размената можам да кажам дека ми недостасуваат активностите, како и учесниците и дека ова беше искуство кое вредеше да се има, дури и ако ми причини непријатност при излегувањето од зоната на удобност. Но, за моја среќа, додека патував накај Словенија за размената, слушнав епизода од подкастот на ,,Медуза” насловен ,,Останувајќи со нелагодноста” и токму тоа беше моето мото за време на размената, кое ми донесе најголема сигурност дека она што го правам ќе ми донесе убаво искуство: преку останување со нелагодноста, или она што во одреден миг ни е нелагодно, на пример запознавање и прилагодување на нови луѓе, може да се дојде до многу убаво искуство кое ќе се памети.
Дафина Веселиноска