Ни претставува огромна чест да ви раскажеме за неповторливото искуство што го доживеавме помеѓу 2-8 јуни, во срцето на Андалузија, односно во Херез де ла Фронтера.
Сѐ започна кога слетавме во прекрасната Севиља, каде успеавме да разгледаме дел од нејзините знаменитости, пред да се упатиме кон Херез. Таму бевме удобно пречекани од волонтери на А.Ј.C. Demeter (организацијата-домаќин), по што бевме сместени во хотел во срцето на градот. Со претставниците од останатите држави се запознавме во паб, каде што вкусивме локална храна, по што уживавме во кратка прошетка.
Наредното утро, тренери од самата организација официјално не запознаа со програмата, а преку енерџи-бустерите пред секоја активност успеавме подобро да се запознаеме.
На гала вечерата, имавме можност и привилегија да ја претставиме нашата држава преку локални деликатеси (ајвар, нормално), грицки со кои израснавме (а, и до ден-денес си ги уживаме), кско и традиционални танци. За возврат, успеавме да „пропатуваме“ низ Европа, вкусувајќи ги деликатесите од останатите држави вклучени во овој проект.
Преку секое заедничко пешачење од хотелот до салата за активности во Centro Social Blas de Infante, во кратко време станавме блиски пријатели со другите учесници. Разговаравме за родова еднаквост, историјата и брановите на феминизмот, родови предрасуди и нивното влијание како на поединецот, така и на целото општество.
Едуардо од Херелез Геј успешно ни го долови значењето на секоја буква од LGBTQIAP+ азбуката, како и позадината на родовите и сексуалните малцинства (GSM). Го видовме и прогресот на LGBTQIAP+ знамето, како и самата историја зад секое од нив (неретко болна), и како актуелното знаме настана да биде официјалното знаме.
Хозе Марија го искористи БаскетБит методот за демонстрација на инклузија и зголемување на самодовербата, преку интересна игра со кошаркарски топки. Иако беше несекојдневен начин на работа и иницијално предизвика прашални погледи во многумина од нас, набрзо целта на играта ни стана јасна и успеавме да ја видиме целата ситуација низ нова перспектива.
Даниел се насочи на улогата на мажите и маженствено-презентативните личности како во историјата на феминизмот, така и во сегашноста. Во (според нас) фантастичната игра на линија на согласност, ги разгледавме нашите видувања на одредени искази, по чие претставување и објаснување на истите, видовме промени во мислењето на соучесниците, но и во сопствените.
Ханде беше задолжена да не запознае со брановите на феминизмот, од самиот (екслузивен) почеток каде борбата генерално се насочувала на белите и богатите жени, до актуелната борба која е поинклузивна, и која зема предвид позадината на секоја една индивидуа.
Иако значително интезивен, жртвувајќи по некој час сон успеавме да пронајдеме време да се забавуваме, играме, пееме (вклучувајќи и караоке), како и да се поврзиме со останатите учесници за време на паузата за ручек.
На самиот крај испративме пораки правејќи инклузивни графити, со што сакавме да покажеме зад што стоиме, како на останатите учесници, на останатите граѓани, така и на целиот свет. Церемонијата за откривање на тајниот пријател и доделувањето на сертификатите ја поминавме со кнедла во грло, бидејќи знаевме во кој дел од проектот активно се наоѓаме. Задоволни од тоа што го искусивме заедно, но и тажни заради самиот крај, се испративме со ветувањето дека ќе се видиме повторно некаде во светот.
Веруваме дека како и нас, така и на останатите учесници ова искуство трајно ни ги промени животите, а и вечно ќе остане позитивна трага во нашите сеќавања.
Од се срце, безмерно сме благодарни на ВЦС што ни ја пружи оваа можност. Се надеваме дека успеавме да ја прикажеме не само Македонија, туку и ВЦС во позитивно светло.
Љупка Шалевска
Горазд Коцев