You are currently viewing Довидување 2021, добредојде 2022: Волонтерството е во секој од нас

Довидување 2021, добредојде 2022: Волонтерството е во секој од нас

Кога ги планиравме активностите низ месецов (декември) со кои ќе го одбележиме „5 Декември – Меѓународниот ден на волонтерите“ и ќе го прославиме нашиот 15. роденден – целта ни беше да ја претставиме идејата за волонтерството како блиска до секој од нас. И зошто секој од нас треба барем понекогаш да биде волонтер. Па, испланиравме еколошка и хуманитарна акција, панел-дискусија, „жива библиотека“ и за релаксација „караоке“ и „отворена сцена“. Оти, сепак, претпразнична атмосфера е…

Сега кога ги сумираме впечатоците, согласни сме дека направивме одлична работа. Го донесовме волонтерството во „нашето маало“, а луѓето со големо срце го прегрнаа со двете раце.

Тие детски насмевки што ги добивате кога ќе им подарите внимание и љубов вредат секој миг волонтерска работа. При хуманитарната акција во подзаборавениот Дом на култура во Кисела Вода собравме преку 1.000 парчиња облека и поголема количина со храна. Родители со деца, млади, баби дедовци итаа да им помогнат на децата од улица и на социјално-загрозените семејства. А, ние потоа ги дистрибуиравме во Хуманитарната организација „Свети Спас“, односно во Дневниот центар за деца од улица во Шуто Оризари. Тоа што нам ни е непотребно, на други им е луксуз. И им предизвикува многу среќа.

Волонтерство е и кога ја уредуваме нашата околина. Кога ја чистиме од ѓубре, кога се грижиме за неа и кога им даваме пример на останатите како треба да се однесуваат кога се надвор. Затоа, го исчистивме „Расадник“. Во соработка со Општина Кисела Вода и со нашите пријатели од „За почиста Македонија“ и од „ХОПС – Опции за здрав живот“, отстранивме два тони отпад од оваа најголема зелена површина во Скопје.

Го спомнавме Домот на културата, нели? Го отворивме после толку години, будејќи ги спомените на некогашното кино и собиралиште на жителите на Кисела Вода.

Со волонтирањето го менуваме својот живот и заедничкото општество“, беше заедничкиот заклучок на панелистите на дискусијата во „Европската куќа“ во Скопје. Значењето што волонтерството го има врз локалните и глобалните процеси, потребата од поактивно учество на локалните власти и спроведување проекти за локални волонтери кои ќе им овозможат на младите да се вклучат, правните аспекти, предизвиците и актуелниот статус, важноста да се мотивираат младите луѓе да волонтираат и колку е битна промоцијата на волонтирањето во сите сектори… волонтерството има огромен потенцијал кој ќе треба да го развиваме многу повеќе. Волонтерски Центар Скопје со сигурност ќе биде предводник, како што беше и во изминатите 15 години.

qrf

Сте слушнале ли за концептот „жива/волонтерска библиотека“? Тоа е нешто налик на вообичаената библиотека каде читателите ги одбираат книгите. Но, во „живата библиотека“, нема да изнајмите книга, туку ќе разговарате со локален или меѓународен волонтер за неговото искуство. Настанот беше прекрасно искуство и за „книгите“ и за многубројните „читатели“, кои имаа одлична можност да дознаат повеќе за волонтерството, младинската работа и како да се вклучат во нашите активности!

А, волонтерите знаат и да се забавуваат. Нашите „караоке забави“ или „отворени сцени“ веќе имаат култен статус. Младите уживаат во младоста, повозрасните се сеќаваат на неа…

Месецот, како и целата година беше полна со искушенија, но сите докажавме дека сме желни за убави случувања. Во ова време-невреме, успеавме да реализираме триесетина младински размени и тренинг-курсеви, домаќини бевме на повеќе од десет. Водејќи сметка за здравјето на учесниците на проектите, но и правото на едукација, им дадовме непроценлива можност да научат нешто ново, да искусат нови средини, да запознаат поинакви од себе, да се отворат кон светот, а таа промена потоа да ја манифестираат дома. Гледајќи го нивниот ентузијазам, убедени сме дека сите заедно можеме и ќе го промениме општеството.

Волонтерството е во секој од нас. Да му дадеме шанса да излезе!

Се најубаво, се гледаме и во 2022!

Горан Адамовски