„Квалитетот на живот и перцепцијата на младите за иднината во нашата држава не е на завидно ниво и младите сметаат дека платите се ниски, а цената на производите расте и тоа ја отежнува ситуацијата да имаат стандард на живот како што посакуваат. Слободното време на младите луѓе се сведува на посета на кафулиња и гледање ТВ, што ни од далеку не е доволно за добар квалитет на живеење“.
Ова се дел од заклучоците во Почетната студија за младински трендови во рамките на проектот: „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, финансиран од Европската унија, а во кој партнер е и Волонтерски Центар Скопје.
На промотивниот онлајн настан, кој беше одржан вчера, учестуваа млади лица, претставници на граѓански организации и меѓународни организации, службеници за млади и претставници на локалните младите совети. Настанот го отворија Зоран Илиески – тим лидер на проектот и Ирена Иванова – програмски менаџер при Делегацијата на Европската унија во Македонија.
„Сметаме дека проектот значително ќе придонесе кон негово спроведување особено во делот на воспоставување на посистематска соработка со граѓанското општество кон суштинско младинско учество. Со проектот директно ќе ја поддржиме работата на локалните службеници за млади, ќе дадеме придонес во развојот на волонтерството и ќе им помогнеме на општините во развојот на локалните политики за млади, промовирајќи ненасилна комуникација и родова еднаквост“, изјави Илиески, кој е и Извршен директор на Коалицијата на младински организации СЕГА.
Софија Георгиевска, која е главен истражувач во Почетната студија, нагласи дека „младите сметаат дека најдобар начин и мотивација за да се вклучат во донесувањето одлуки на локално ниво е преку граѓанските организации, што е одлична можност за вклучување имајќи предвид дека најголем дел граѓанските организации вклучени во ова истражување делуваат на учество на младите во јавниот живот“.
Истражувањето покажа дека 58.4 отсто од младите сметаат дека невработеноста е најгорливиот проблем со кој се соочуваат, по што следуваат материјалната и економска независност (50,8 %), како и алкохолизмот, зависноста од дрога, деликвенцијата и слично (45,9 %). Во однос на стандардот за живеење, младите го делат мислењето дека стандардот ни е низок, но, од друга страна, има мала мотивираност кај младите да го подигнат, а најчесто како најлесно решение се бира заминувањето од земјата во ЕУ. Она што е битно е дека младите се свесни дека тие се оние што треба да ја дизајнираат својата иднина.
Дигитализацијата на образованието е позитивно прифатена поради големиот број предности, особено во однос на лесната достапност до повеќе образовни ресурси, но проблем е што сите ученици немаат еднакви можности за настава. Младите не се задоволни од квалитетот на постоечките мерки и политики за младите луѓе (политиките во однос на здравството, образованието, вработувањето, домувањето, културата итн.).
„Иако младите имаат генерално позитивен став кон младинскиот активизам, тие многу малку се задоволни со моменталното ниво на младинско учество во процесите на креирање политики за млади. Алармантен е податокот дека само 22,9 проценти од младите слушнале за локални младински совети што укажува дека локалните младински совети генерално не допираат до најголем дел од младите лица“, покажа студијата.
Проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“ е финансиран од Европската унија и спроведуван од страна на Коалицијата на младински организации СЕГА како главен имплементатор заедно со партнерите СОС Детско Село Северна Македонија, Волонтерски Центар Скопје и Асоцијација Женски Форум Тетово. Проектот има за цел да гo подобри квалитетот на имплементацијата на младинската политика заснована на структурна соработка и суштинско учество на вмреженото граѓанско општество со што ќе придонесе кон независно и одржливо граѓанско општество поддржано од погодна средина која поттикнува партиципативни и родово-сензитивни процеси на креирање младински политики. Периодот на имплементација е јануари 2021 година – април 2024 година.