Ви текнува на оној момент кога сте го исполниле тоа што сте го посакале? Па, дури и повеќе? Она чувство кое ти дава спокој и радост, па си велиш вака мора да биде постојано? Е тоа го доживеавме на 5 декември 2021. Меѓународниот ден на волонтерите и нашиот 15. роденден ги претворивме во успешна работна забава. Кога ќе ги споиш веселите лица, топлите срца и вредните раце…
Хуманост, волонтерство, акција – тоа ни беа водилките за денот што треба сите да го живееме цела година. Со пријателите од „За почиста Македонија“, а со поддршка на Општина Кисела Вода ги споивме убавото и корисното. Го отворивме Домот на култура во Кисела Вода, место што со децении на повозрасните жители на населбата им претставуваше многу повеќе од обична „месна заедница“ или кино-сала. Реновираниот објект кој е замислен како Центар на заедницата во кој треба да има Младински Центар, библиотека, кино и многу други активности за сите генерации со години е запуштен и чека уште едно реновирање. Во неделата се потсетивме колку би било убаво ако тоа место навистина се претвори во собиралиште на млади, возрасни, идеи и иницијативи.
Родителите што со малите деца и останатите жители што донираа облека и храна за оние што немаат среќа да раснат во здраво семејство и во топол дом не потсетија дека хуманоста не си заминала од нас. Напротив, тука е и чека момент да излезе од нас. Ќеси со храна да им се најдат на социјално-загрозените семејства. И тие да почувствуваат дел од новогодишната магија. Да почувствуваат дека не се оставени сами. Собравме 20 вреќи од по 120 литри со облека и со храна. Тоа што нам ни е непотребно, на други им е луксуз.
Млади луѓе што не сакаат да живеат со апатијата и се подготвени да придонесат за да го промениме општеството. Тие сакаа да чујат како да се вклучат во волонтерските акции што ги организираме, како да се надградат себеси, како да добијат од неформалното образование што го нудиме, како да се запознаат со нашите проекти, како да станат дел од нив, дел од нас… Веќе 15 години работиме на промоција на младите, на подобрување на нивните знаења и вештини од кои корист ќе има целото општество. И не сме изморени. Продолжуваме посилно од било кога.
А ќе продолжиме и со еколошките акции. Сега го чистевме Расадник затоа што важи за една од најголемите најзелените површини во градот. Од голема помош беше механизацијата на Општина Кисела Вода. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски даде личен пример во битката за здрава и чиста животна средина. Дел од Расадник е скриено катче за зависници од дрога, кои оставаат купишта шприцови и друг медицински отпад. Треба да се собере многу внимателно за да не шири зараза. Токму затоа, со него се справија стручните лица од „ХОПС – Опции за здрав живот“. На крајот од акцијата беа собрани повеќе од два тони отпад. Овој дел од Кисела Вода, па и секое место во Македонија може да остане чисто само доколку сите се однесуваме внимателно, одговорно и со љубов.
И така, полни со впечатоци и позитивни импресии го завршивме денот. Енергијата што ја добивме од граѓаните е најголем доказ дека сите заедно можеме да ги донесеме промените. Или како што велат нашите партнери од „За почиста Македонија“ – „Не барај човек за пример, биди примерот“.
Горан Адамовски