Волонтирајќи во една од водечките невладини организации во Хрватска за заштита на животната средина и природата – „Sunce“, моето јас доживеа раст и преобразба во многу насоки. Рутински работејќи на настаните, работилниците во склоп на волонтирањето, незабележително и потсвесно длабоко почнував да ја гледам и анализирам суштината позади истите. Од ден на ден се запознавав со последиците кои планетата земја ги трпи од нас луѓето. Од ден на ден одново го запознавав човекот со сите негови размислувања, постапки и мотиви поради кои ги превземал чекорите што доведоа до оваа ситуација – позната на сите нас.
И така некако природно и оправдано од било кога порано, одењето во second hand ми стана уживање. Организирањето и директното учество во проектот „Šizika“ на кој учиме да шиеме и создаваме нови модни додатоци од стари алишта ми стана рутина. А, селектирањето на отпад и рециклирањето – навика. Постулатите, „повторно употреби“, „рециклирај“ и „намали“ секојдневно се обидувам да ги имплементирам во начинот на живот кои ми носат чувство на исполнетост и корисност. Целосно предадена и мотивирана во областа на заштита на животната средина и природата, инспирирана во кој правец треба да се движам во иднина а и да мотивирам други, наидувам на терминот „Green washing“. „Green washing“ ми дава една потполно нова перспектива на нештата и се враќам повторно на карактерот и карактеристиките на човекот како битие и мотивот на постапките кои секојдневно ги презема.
Така, проучувајќи како овој феномен влијаје врз купувачите, доаѓам до потврдата за релативноста која го обзеде денешниот свет. Имено, препознавајќи го „трендот“ на зголемен интерес кон еколошки производи, компаниите ширум светот преку тактиката на „greenwashing“, или лажно претставување на компаниите како еколошки одговорни, привлекуваат купувачи кои се загрижени за животната средина или се еколошки освестени.
Ова може да вклучува рекламирање на еколошки аспекти на производите или услугите кои се минимални или целосно невидливи, без реални напори за намалување на негативното влијание врз животната средина. На пример, компанија може да истакне дека нејзините пакувања подлежат на рециклажа без да наведе колку од тие пакувања навистина се рециклираат или, пак, од друга страна да рекламира „зелена“ иницијатива која всушност не се спроведува во пракса.
На тој начин, „greenwashing“ може да го успори процесот на донесување одлуки кај купувачите. Кога потрошувачите се потпираат на лажни информации, тие може да донесат погрешен избор и да купуваат производи кои всушност не се еколошки прилагодени, што ја намалува ефективноста на нивните еколошки напори.
Кога купувачите ќе откријат дека некоја компанија ги манипулирала со лажни еколошки тврдења, довербата во брендовите и нивните тврдења може значително да се намали. Ова може да доведе до генерален скептицизам кон сите зелени иницијативи, правејќи ги потрошувачите помалку склони да ги поддржат навистина одговорните компании. Исто така, може да се одложи напредокот кон постигнување на вистински одржливи решенија и да се продолжи штетата на животната средина.
„Greenwashing“ претставува сериозен проблем во денешниот пазар, кој може да ги доведе потрошувачите во заблуда и да ги комплицира напорите за постигнување на вистинска одржливост. За да се избегне ова, важно е потрошувачите да бидат внимателни и добро информирани кога купуваат производи или услуги кои се рекламираат како еколошки одговорни. Проверката на сертификациите, истражувањето на компаниите и разбирањето на вистинската еколошка политика можат да помогнат во избегнување на „greenwashing“ и во поддршка на вистински одговорни компании.
Всушност, како и многу пати до сега низ историјата доаѓаме до ситуација една група луѓе дирекнто и со многу ентузијазам сака искрено да помогне на човештвото, додека паралелно егзистира другата група луѓе која поради многу познати причини (за жал) ја попречува намерата на првата група. И да, за момент човек можеби ќе се разочара, ќе се буни и ќе се лути. Можеби и дури ќе се откаже, но нели научивме дека во секоја сфера е така?
Секогаш ќе постои една и друга страна на нештата. Секогаш ќе постојат повеќе вистини за секого. А, сега во период кога од било кога порано имаме изобилие на различни вистини, предизвикот е голем.
Среќна сум што повторно ми се потврди тврдењето дека балансот и средината се основа на се, а истите треба сами да ги пронајдеме. Да се трудиме критички да ги согледуваме работите околу нас затоа што само така ќе ја најдеме нашата вистина и правилниот за нас, начин на живот!
Милијана Богданоска
наша долгорочна ЕСК-волонтерка во Сплит, Хрватска