You are currently viewing Добредојде за Жозе, нашиот нов волонтер од Португалија

Добредојде за Жозе, нашиот нов волонтер од Португалија

„Olá“, после долго чекање, конечно можам да кажам: „Еве ме во Скопје и во ВЦС“. Јас сум Жозе (не фудбалскиот тренер), имам 25 години и ’болен’ сум по патувања. Можам да кажам дека „комфорната зона“ ја сакам само додека спијам. Овој луд млад човек пред неколку денови пристигна од најмагичното и најпрекрасно место во Португфалија – селото Синтра. Уште кога бев тинјеџер сакав да ја напуштам земјата и да патувам низ светот, запознавајќи нови држави и култури.

Со исклучок на „Ковид-19“ што трае веќе две години (да, изминаа две години откако овој вирус го промени светот), изминатите пет години беа најдобрите во мојот живот. По „падни-стани“ минатото, се запишав на факултет и дипломирав маркетинг-менаџмент. Во тоа време, бев повикан да се придружам во тимот што беше одговорен за студентите од „Ерасмус+“ програмата што се запишуваа на нашиот универзитет, а јас им го покажував градот (најдобрите места, забавите, но и не толку туристичките точки). По шест месеци, си реков себеси дека „Ерасмус+“ е нешто што треба и самиот да го искусам. По две години, тоа и го направив, но претходно одлучив да работам за да заработам доволно пари за патувања. Мојот „Ерасмус+“ проект беше во Будимпешта, траеше половина година при што посетив 11 земји. Една од нив беше и на Балканот, по што се вљубив на прв поглед, запознавајќи ја највкусната храна во Европа.

По тоа неверојатно искуство, дипломирав на факултетот и решив да сменам малку, па запишав постдилпомски студии за Спортски менаџмент, кои се уште ги завршувам.

Секогаш сакам да пробувам нови работи и знам дека за 90 отсто од луѓето тоа изгледа страшно (бидејќи е различно од тоа што го знаат), но јас сакам да бидам во останатите 10 проценти и затоа почнав да го живеам мотото: „Барај дискомфорт“ што значи дека најдобрите искуства ќе ги добиеш кога зад себе ќе ја оставиш комфорната зона. Мислам дека ова најдобро објаснува зашто ја одбрав Македонија, различен јазик и азбука со која ќе се справувам во следните 9 месеци.

Посакајте ми среќа во мојата нова авантура и при креирањето незаборавни моменти.

Жозе Родригеш