You are currently viewing Купена возачка може да чини живот

Купена возачка може да чини живот

Кај кандидатите за возачи при стекнување со возачка дозвола, особено младите лица кои се во тек со истата, се соочуваат со предизвици. Како најизразен предизвик и аномалија е корупцијата.

Таа најчесто е изразена преку мито, кое е барано од страна на комисијата која одлучува дали возачкиот испит е положен или не. Сепак не смееме да го занемареме и фактот што од друга страна многу млади се залагаат да ја поткупат комисијата за да се стекнат со возачка дозвола, без разлика на грешките и неправилностите кои тие ги имаат при полагањето.

Сето ова резултира со огромен број на сообраќајни незгоди и прекршоци, за кои за жал секојдневно сведочиме последниве неколку години. Јавноста будно го следи исходот од ваквите настани, кои често поминуваат неказнети, што дополнително додава негативни поени за нас како општество и особено лош пример за младите.

Тоа дека митото и корупцијата се застапени во процесот на добивање на возачка дозовла, можеме да го видиме и прочитаме на многубројни видеа и статии кои кружат низ медиумите. Друг проблем со кој што се соочуваат младите е и нивната слаба информираност за тоа каде можат да се обратат и да пријавуваат корупција. Многу млади лица исто така не го познаваат добро процесот и како тие можат да се здобијат со возачка дозвола.

Младите агенти направија онлајн анонимен анкетен прашалник, со цел да можат младите да го искажат нивното искуство со корупција во процесот на добивање на возачка дозвола. Целта на овој прашалник е да добиеме ваши мислења и перцепции во однос на појавата корупција – како состојба во општеството.

За таа цел, ние како млади агенти за борба против корупција од општина Кисела Вода сакаме да ги доближиме до вас овие информации.

Во прилог на овој артикл следуваат информации од целосната постапка за стекнување на возачка дозвола.

Возачки испит може да полага само кандидат за возач кој ја има навршено возраста неопходна за добивање дозвола од категоријата за која се оспособил, поседува уверение за здравствена и психофизичка способност за управување со моторно возило, кој се стекнал со потврда за оспособување на кандидат за возач на моторно возило и кој поседува потврда за оспособеност за укажување на прва помош.

Работите на полагање возачки испит за кандидат за возач ги организираат и спроведуваат овластените испитни центри во испитниот центар согласно Програмата за полагање на возачки испит за управување со моторно возило и трактор.

Програмата се состои од теоретски и практичен дел, а за управување со работна машина, мотокултиватор, велосипед со мотор, лесен трицикл и лесен четирицикл само од теоретски дел.

Теоретскиот дел од возачкиот испит се полага писмено на изготвен тест или електронски на компјутер. Практичниот дел на Програмата, опфаќа изведување на активности со моторното возило и тракторот што се од значење за успешно и безбедно управување со возилото во согласност со правилата на сообраќајот и со условите на патот и во сообраќајот, како и активности за совладување на техниката на управување со возилото.

Пријавата за полагање на возачкиот испит кандидатот за возач на моторно возило или трактор, ја поднесува во испитниот центар или во неговата подружница во рамки на подрачјето што го опфаќа испитниот центар, на кое кандидатот има пријавено живеалиште односно престојувалиште во последните шест месеци.

Со пријавата за полагање на возачкиот испит, кандидатот за возач приложува и докази:

  • за завршено најмалку основно образование на кандидатот за возач;
  • за здравствена и психофизичка способност на кандидатот за возач за управување со моторно возило односно трактор;
  • за извршено оспособување на кандидатот за возач;
  • за извршено оспособување на кандидатот за возач од областа на укажување прва помош на лица повредени во сообраќајна незгода;
  • за уплатен износ на трошоци сврзани со полагање на возачкиот испит;
  • дека кандидатот за возач од категоријата ,,Ц“ и поткатегоријата ,,Ц1“, најмалку една година поседува возачка дозвола од категоријата ,,Б“;
  • дека кандидатот за возач од категоријата ,,Д” најмалку две години поседува возачка дозвола од категоријата ,,Ц”, а за поткатегоријата ,,Д1” најмалку две години возачка дозвола од категоријата ,,Ц” или поткатегоријата ,,Ц1”;
  • дека кандидатот за возач од категориите ,,Б+Е” ,,,Ц+Е” и „Д+Е“ најмалку една година поседува возачка дозвола од категоријата во која спаѓа влечното возило;
  • дека кандидатот за возач од поткатегориите ,,Ц1+Е” и ,,Д1+Е” најмалку една година поседува возачка дозвола од поткатегоријата во која спаѓа влечното возило.

При приемот на пријавата за полагање на возачки испит, референтот за пријавување на возачки испит, проверува дали пријавата е целосна, како и дали се приложени сите докази. Ако се исполнети условите за полагање на возачки испит, испитната комисија го определува времето и местото на испитот и за тоа го известува кандидатот за возач.

Испитниот центар на кандидатот за возач, задолжително треба да му овозможи полагање на возачкиот испит во рок од 15 дена од приемот на пријавата за полагање.

Кандидатот за возач кој нема да го положи теоретскиот или практичниот дел од возачкиот испит, има право на повторно полагање најрано во рок од седум дена од денот на последното неуспешно полагање.

Пред почетокот на полагањето на возачкиот испит, испитната комисија го утврдува идентитетот на кандидатот за возач со увид на лична карта и приложените документи за полагање на испитот. Испитната комисија нема да дозволи полагање на возачки испит на кандидат за кој ќе се утврди дека е очигледно под дејство на алкохол, опојни дроги, психотропни супстанции, лекови на кои е означено дека не смеат да се употребуваат пред и за време на возењето, поради што кандидатот за возач не е во состојба да го полага возачкиот испит.

Кандидатот за возач може да го одложи возачкиот испит од оправдани причини, најдоцна во рок од 48 часа пред почетокот на испитот. По исклучок кандидатот за возач може да го одложи возачкиот испит и во рок пократок од рокот, за што треба да достави соодветна документација (потврда, уверение и сл.) до раководителот на испитниот центар, најдоцна до седум дена од денот на одлагањето.

Доколку кандидатот не го одложи возачкиот испит во рокот предвиден или самиот се откаже од полагање на веќе започнатиот возачки испит, ќе се смета деке истиот не го положил.

Теоретскиот дел од возачкиот испит испитната комисија од испитниот центар го спроведува во просторија во седиштето на испитниот центар или во подружницата. Возачкиот испит започнува со полагање на теоретскиот дел, а потоа на практичниот дел за управување со моторно возило или трактор.

Кандидатот за возач на моторно возило кој го положил теоретскиот дел од возачкиот испит може да го полага практичниот дел од возачкиот испит (прв и втор дел) во период од една година од денот кога го положил теоретскиот дел од возачкиот испит. Доколку кандидатот за возач на моторно возило кој нема да го положи практичниот дел од возачкиот испит во рокот, го полага повторно теоретскиот дел од возачкиот испит.

На барање на кандидатот за возач, испитната комисија може да го информира за направените грешки во тестот за полагање на возачки испит, со овозможување непосреден увид во тестот.

Практичниот дел од возачкиот испит за управување со моторно возило или трактор може да го полага само кандидат за возач кој претходно го положил теоретскиот дел. На практичниот дел на возачкиот испит се утврдува дали кандидатот за возач се стекнал со знаење и потребна вештина за самостојно управување со моторно возило од категоријата за која го полага испитот односно трактор.

Практичниот дел од возачкиот испит за управување со моторно возило се состои од два дела: прв и втор практичен дел.

Првиот практичен дел од возачкиот испит, се полага на уреден простор одобрен за таа цел (полигон).

Вториот практичен дел од возачкиот испит, се полага на јавен пат.

Вториот практичен дел на возачкиот испит, се полага откако ќе се положи првиот практичен дел и тоа на сообраќајници со поинтензивен сообраќај. За овој дел од испитот изведените дејствија со возилото на кандидатот за возач, се снимаат со соодветен уред кој овозможува видео и аудио  запис со можност за документирање и архивирање на снимените податоци кои се чуваат во испитниот центар не подолго од 30 дена од денот на полагањето на испитот.

Времето на полагање  на вториот практичен дел од возачкиот испит трае додека испитната комисија не се увери дека кандидатот за возач го поседува потребното знаење и способности за безбедно и самостојно управување со моторно возило или трактор во сообраќајот на пат. Според измените, кои неодамна беа објавени во „Службен весник“, вториот практичен дел од возачкиот испит ќе трае најмалку 15 и не повеќе од 30 минути за категориите „А, А1, Б, Б+Е“, и националната категорија „Ф“. За категориите „Ц1, Ц1Е, Ц, Д1, Д1Е, Д и ДЕ“, со новите измени, вториот практичен дел од возачкиот испит ќе трае најмалку 35 минути и не подолго од 60 минути.

Неправилно извршените дејствија на првиот односно вториот практичен дел на возачкиот испит,  испитната комисија ги оценува со негативни поени утврдени во оценувачките листови за првиот и вториот практичен дел на возачкиот испит. Кандидатот за возач се смета дека не го положил практичниот дел од возачкиот испит, ако од страна на испитната комисија е оценет со повеќе од 50 негативни пoeни за првиот и вториот практичен дел одделно.

  • Доколку кандидатот за возач не го положи возачкиот испит, има право на приговор до испитниот центар, во рок од 24 часа од спроведувањето на возачкиот испит.
  • За разгледување на приговорите, испитниот центар формира комисија составена од три члена – претставници на испитниот центар, Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи. Доколку комисијата го усвои приговорот испитниот центар е должен во рок од 24 часа од поднесувањето на приговорот, да го разгледа и писмено да го извести кандидатот за одлуката. Со што доколку комисијата го усвои приговорот, на кандидатот за возач му се признава оспорениот дел од возачкиот испит за положен.
  • Доколку комисијата го одбие приговорот од, трошоците за работата на комисијата се на товар на кандидатот за возач кој го поднел приговорот.
  • Кандидатот за возач на моторно возило кој не го положил првиот односно вториот практичен дел од возачкиот испит, истиот може да го полага повторно во рок од една година од денот кога го положил теоретскиот дел на возачкиот испит.
  • На  кандидатот за возач кој го положил возачкиот испит, испитниот центар му издава уверение за положен возачки испит.
  • Успехот на кандидатот за возач од секој дел од возачкиот испит, испитната комисија, го  оценува со конечна оценка „положил“ или „не положил“.
  • Испитниот центар непосредно по спроведениот возачки испит, постигнатите резултати од полагањето на кандидатите за возачи (лично име, татково име и име на автошколата) ги објавува на својата веб страна во рок не подолг од 30 дена, при што истиот и ги ажурира.

Во многу случаи, кандидатите за возачи и покрај сите регулативи за полагање сеуште се соочувате со висок степен на коруција, и истата не знаат каде можат да ја привајат.

Едно од неколкуте места каде што може да се пријави корупција се:

Никола Прокопенко – Лице овластено за внатрешно пријавување
тел. 31166 493, лок. 146
е-маил: nprokopenko@mjustice.gov.mk

Испратете бесплатен СМС преку мрежата на:
145111 или јавете се на (02) 3217000

Испратете Е-пошта
prijavikorupcija@transparency.mk

Испратете известување на Twitter со hashtag: #korupcijaM

The views expressed in this article are solely those of the author and do not necessarily reflect the views of the Regional Anti-Corruption Initiative or its member States, United Nations Office on Drugs and Crime, or of the Austrian Development Agency.