You are currently viewing Биди отворен за волонтирање

Биди отворен за волонтирање

Топло-ладни поздрави од Драган кој е во Гдањск, Полска, каде пролетта веќе кажа „здраво“, но зимата не се откажува толку лесно!

Драган започна да волонтира во канцеларијата на RCWG пред околу два месеци. Освен канцелариската работа, тој е вклучен во различни активности. Двапати месечно посетува училиште и младински клуб.

„Мојата главна цел е да ги охрабрам младите луѓе да комуницираат на англиски јазик. Во училиштето, обично одржувам презентации за македонската култура, додека во младинскиот клуб се фокусирам на интерактивни говорни активности и неформални разговори за да им помогнам да се чувствуваат поудобно со користењето на јазикот.“

Организирањето настани е дел од активностите, а еден од нив беше меѓународен настан за волонтери во Гдањск, при што учесниците ги споделуваа своите култури преку матичната кујна и храна.

„Ова искуство ми овозможи да ги развијам моите организациски и комуникациски вештини.“

Волонтерското патување се состои од моменти и искуства.

„Еден од моите омилени периоди беше првата недела при пристигнувањето, бидејќи ми даде можност да се поврзам со други волонтери. А, еден од моите најпаметни моменти беше играњето кошарка со младите во клубот, бидејќи ме потсети на тоа како се чувствував кога играв со моите пријатели.“

Досега, ова искуство му донесе на Драган нови познанства и го стави во контекст на културна размена.

„Запознав многу прекрасни луѓе од различни земји и потекла. Иако доаѓаме од различни култури, инспиративно беше да се види како заедничкото искуство на волонтирање нè зближува.“

Драган вели дека пробувањето нови работи било една од неговите главни мотивации за приклучување кон овој проект. И сè уште има време целосно да ја постигне својата цел.

„Би сакал да се предизвикам себеси повеќе во наредните месеци. Целта ми е да бидам поотворен, да запознаам повеќе луѓе и да учествувам во нови активности. Исто така, би сакал и да ги доживеам локалните традиции, како што е обичајот на шеги на 1-ви април, што верувам ќе биде забавно и привлечно културно искуство.“

Едвај чекаме да ги чуеме следните вести од Драган!

Проектен партнер: RCWG (Regionalne Centrum Wolontariatu w Gdańsku)