Замислете си: седите дома, гледате една интересна понуда и размислувате: Да се впуштам ли? Дали вреди или е премногу ризично? Да можевме тогаш да го знаеме сето она што го знаеме денес – немаше ни момент да се мислиме. Веднаш ќе прифативме!
И точно тоа го направивме јас и Сања.
Одлучивме да научиме повеќе за природата, заштитата на животната средина и одржливиот начин на живот, па се качивме во автобус кој не’ одведе кон вистинска авантура. Изминаа веќе четири месеци, а учеството во ЕСС проектот преку НВО Sunce се покажа како една од најдобрите одлуки што сме ги донеле.
Преку проектот дознавме многу за тоа како градот Сплит се грижи за својата околина и како и ние можеме да бидеме дел од таа промена. Дел од нашите активности беа едукативни и практични работилници, како „Шишика“, каде што учевме како преку шиење и креативна повторна употреба може да се намали отпадот од текстил. Помагавме и во подготовки за Фестивалот за одржливост, и учествувавме на Саемот за размена на облека, кој ја шири пораката: разменувај, не купувај!
И ова е само мал дел од нашето секојдневие! Искрено, веќе ја чувствуваме разликата водејќи одржлив начин на живеење. Не само што учиме – живееме со смисла!
Секако, не заборавивме да уживаме и во убавините на Јадранското море. Морето, сонцето, плажите – сето тоа е дел од искуството. Но ова патување нè научи дека тие убавини треба и да се заштитат, не само да се уживаат.
Најдрагиот дел? Луѓето. Локалци кои ни станаа пријатели, волонтери од цела Европа со кои разменивме искуства, и, се разбира – животот со цимерите кој ни го разбуди тимскиот дух.
Сплит не’ прегрна со својот “pomalo” начин на живот – опуштени денови, бескрајни ноќи со музика и забава. Ова не е само проект- ова е вистинско доживување и ние уживаме во секоја секунда од него.
Мартина Цекова и Сања Мирчева
нашите долгорочни ЕСК-волонтерки во Сплит, Хрватска
Проектен партнер: Association for Nature, Environment and Sustainable Development Sunce