Волонтерството е живо… и тука е во Македонија

Волонтерството е живо… и тука е во Македонија

Шестмина млади Каталонци решија да излезат од својата зона на удобност, па и покрај ситуацијата со „Ковид-19“, да дојдат во Македонија за да ги подобрат своите образовни вештини и да стекнат практично искуство. Бланка, Марија, Антони, Џастин, Илја и Оскар студираат трговија, туризам и спорт. Во следните два месеци, Волонтерски центар Скопје како нивен домаќин, ќе се обиде да им помогне да ги развијат знаењата за професиите што ги интересираат.

„Бевме доволно отворени во контекст на ситуацијата околу вирусот ’Ковид-19’ да видиме подалеку од Шпанија и да преземеме ризик кој веруваме и сигурни сме дека ќе ни се исплати. Ги гледавме можностите што ни се нудеа и ја одбравме Македонија. Покрај работното искуство, би сакале да научиме што е можно повеќе за земјата, народот, културата и секако, да си поминеме одлично“, велат Шпанците по нивното доаѓање во Скопје.

Тие ќе добијат различни можности за јакнење на нивните вештини, па така ќе волонтираат во туристичката агенција „Арбо Травел“, фирмата за шпедиција „Глоб транс“, како и во „Македонска асоцијација за човечки ресурси“. Исто така, тие ќе имаат можност да увидат како работи и функционира Волонтерски центар Скопје, а ќе помагаат и во Дневниот центар за децата од улица во Шуто Оризари.

„Пазарот на труд во Шпанија е многу конкурентен, иако оваа 2020 година беше исклучително непредвидлива. И покрај тоа, секако дека не беше лесно одлуката да се замине надвор од земјата. Притоа, немаме ниту увид како Македонија се справува со вирусот, кои ограничувања се на сила, ќе можеме ли да патуваме, кои протоколи важат… Нашиот избор беше изненадување и за нашите семејства. На крајот, сите се сложивме дека треба да дојдеме во Македонија и оти тоа е правилна одлука. Мило ни е што тоа се потврди уште при првите денови во Скопје“, признаваат младите момчиња и девојки од околината на Барселона.

Првиот слободен викенд го искористија за прошетка до Охрид. Интересни се нивните први впечатоци за Македонија. Признаваат дека никој од нив не бил подготвен за „ваква изненадувачка комбинација од антички изглед, големи згради, споменици, огромни ТВ-екрани и простории за модерен живот“.

„Веројатно само тука може да се види овој неверојатен културен микс. Уживаме во него. Луѓето се феноменални. Сите досега што ги запознавме се трудат да бидат од корист, да ни помогнат, пријателски се настроени и секогаш расположени. Воодушевени сме од локалните специјалитети, храната и пијалоците“, дополнуваат на крајот.

Нивниот престој во Скопје е дел од програмата „Ерасмус+“ на Европската комисија. Партнер-организација на ВЦС е „Asociacion Mundus“ од Шпанија.

Тимот на Воисес