Донации од срце – Дневен Центар за деца на улица

Донации од срце – Дневен Центар за деца на улица

Во овие времиња на поинакви предизвици, кога новата реалност е креирана и под влијание на пандемијата на COVID-19, Волонтерски Центар Скопје продолжува во континуитет со своите работни задачи и активности, соработки со своите партнери. Иако дел од нив се одложени, ставени на чекање, сепак има и такви кои се приоритет, како поддршка на оние кои во овие моменти им е најпотребна, изнаоѓање начини да се помогне, да се покаже корпоративната и социјална одговорност. Нашиот тим секогаш се радува кога постојат можности за соработка и посета на Дневниот Центар за деца од улица во Шуто Оризари, со кој имаме долгогодишна одлична соработка на локални и меѓународни проекти, поддршка и координација со странски ЕСК волонтери.

Денешната посета беше за донација на облека, прехранбени и хигиенски продукти, некои основни работи кои се потребни на дечињата од  Дневниот центар, во рамките на нашите можности. Тие нѐ дочекаа со голема радост, како и секогаш љубопитни и расположени за разговор, а ние едноставно се потрудивме да одговориме на сите оние прашања со кои нѐ „бомбардираа“. Во нашето долгогодишно искуство и работа со дечиња едноставно знаеме дека секогаш мораме да го имаме одговорот, да се задоволи нивната љубопитност.

Ви благодариме на топлиот прием и задоволството да бидеме меѓу вас. Среќата што ја видовме во вашите чисти и невини срца вредат повеќе од било што на светот.