You are currently viewing (Македонски) Ноември во Алхаурин де ла Торе

(Македонски) Ноември во Алхаурин де ла Торе

И овој месец се објаснувавме со учениците околу тоа дали Македонија е име на држава или на јогурт. Но тие некако имаат доверба во мене, бидејќи знаат дека можат да ми веруваат, особено децата во средното училиште „Хуела Алта“. Со нив имам некако посебна врска, морам да признаам дека ми се омилени, да не речам ги обожувам. Тие, ми се чини, се најдоброто нешто што ми се случува овде. И покрај тоа што не сакам многу да станувам рано наутро, кога ѕвони алармот за да одам во нивното училиште, веднаш скокнувам од креветот од самата помисла дека ќе бидам опкружена со деца кои ме сакаат и кои сакаат да поминуваат време со мене. Има такви кои се обидуваат да зборуваат англиски со мене, а има и такви кои ништо не знаат, па морам јас да се обидувам да зборувам шпански.

20191108_170313

Кога сме веќе на тема зборување, шпански, да бидам искрена, мислев дека ќе оди многу полесно, но погрешно сум мислела. Овде доле, на југот, kај што луѓето зборат многу брзо, ами и ги кратат зборовите. Нешто слично како нас во Скопје во споредба со другите градови, па тоа некако ми создава дополнителен проблем да ги разберам што ми зборуваат. Но кога треба јас да зборувам не го правам тоа пред луѓе кои се на моја возраст, само со деца и со луѓе кои воопшто не разбираат англиски. Само поради тоа што децата се најискрени, тие нема да се срамат или плашаат да реагираат и да направат макар фацијална експресија ако погрешам, не знаат да излажат, искрени се. Возрасните се возрасни, ќе те потапкаат по рамо и ќе ти кажат дека зборуваш одлично, а има и такви кои ќе скокнат веднаш да те поправат, а во исто време прават фацијална експресија од типот „аха те фатив како погреши, а јас сум твој супер херој затоа што те поправив и ти кажав како треба“. Секако ова се исклучоци, не се сите такви, но сепак поудобно се чувствувам кога зборувам со деца одколку со возрасни.

20191129_145105

Тоа што е невообичаено за мене е што има цели дрвореди од лимони, мандарини, портокали, палми, како и растенија кои мајка ми ги одгледува како саксиски цвеќиња, а тука се огромни, џиновски растенија. Смешно е како гледаш грмушка од истото растение кое го имаш на прозорецот од својата соба во саксија и се молиш да не ти угине. Овде нема гаврани и чавки, овде има папагали кои ние на Балканот ги чуваме во кафез за да ни пеат и да ни бидат домашни миленичиња. А уште посмешно е кога сите овие, тропски и егзотични растенија и птици ќе ги видиш во комбинација со новогодишни украси, снегулки, ѕвончиња, елени и сл.

Овде велат зимата траела 3 до 4 недели и во тој едвај еден месец најниската дневна температура е околу 12 степени, ама не како нашите оние скопските. Туку проследени со многу силен ветер кој носи се пред себе. Во тој еден месец луѓето овдека се буквално како од шпанскитие серии што ги гледавме во детството сите се Телевисија пресента, драма, драма и уште драма. Да ладно е и да дува и капе по некоја капка дожд, ама овде луѓето се како да се случува крајот на светот. Се прашувам како ќе реагираат и што ќе прават ако дојдат во Македонија и поминат една недела од вкупно 3-4 месеци остра зима каква што имаме кај нас особено во Битола кога ќе задува Баба планина кога ќе падне температурата на – 20 степени или во Скопје кога ќе смрди на чад од печките, а надвор има снег до колена и е – 10 или не дај Боже – 20.

Јелена Панчевска