Од 20 до 29 јануари, во Каскаис, Португалија, се одржа тренинг курсот „A youth capital for glocal change“. На овој тренинг курс учествуваа претставници од повеќе држави меѓу кои: Италија, Македонија, Словенија, Португалија, Британија, Данска и Финска. Зборот glocal во себе ги поврзува зборовите global и local или со еден збор појаснува промовирање на глобални врадности на локално ниво.

Градот домаќин на овој тренинг курс, Каскаис, е избран за овогодинешен младински европски главен град (European Youth Capital). Па така, темата под која се организираат сите активности, меѓу кои и овој курс е Glocal Youth.

Мораме да предочиме дека се работи за едно многу идилично гратче, лоцирано на само триесетина километри од Лисабон, со добар железнички траспорт помеѓу двете. Каскаис се наоѓа на самиот Атлански океан, па токму затоа, неретка глетка се сурферите кои вешто ги совладуваат брановите или пак луѓе и младинци по плажите кои се релаксираат.

Откога накратко ви го претставив местото каде што се одвиваше овој курс, би сакала да ви го претставам и проектот на којшто работевме 9 дена. Проектот „A youth capital for glocal change“ има брои повеќе цели, меѓу кои: создавање на можности за младите луѓе за личен развој, подобрување на нивните лични и социјални можности, а со тоа создавање на услови за постигнување на нивниот полн потенцијал; истражување на нови концепти за глобално граѓанство преку споделување на светогледи и искуства, но исто така, и преку создавање на нови алатки за образование и дисиминација; создавање на можности за млади луѓе со помалку можности да станат клучни играчи во секторот на глобално образование, преку активности во релевантното поле глобално граѓанство; подигнување на квалитетот на младинската работа и зголемување на ефикасноста на процесот за донесување одлуки за младите, преку создавање простор за дебата, надградба на капацитетите и вмрежување; промоција на младинската соработка на локално и интернационално ниво, поврзувајќи релевантни фактори и зголемувајки го чувството за Европско граѓанство, во согласност со духот на EYC2018; развој на способностите на општините, младинските организации и младите работници, и давање на моќ на младите луѓе, особено преку глобално образование и програми за волонтерска работа.

Овој тренинг курс беше наменет за ЕВС координатори, ЕВС ментори или млади агенти, кои подоцна ќе бидат инволвирани во процесот на спремање и подршка на младите волонтери во овој град.

Како учесник на овој тренинг курс, можам да кажам дека истиот ми даде нова перспектива за глобалното образование. Преку формални, но многу повеќе неформални методи на образование, ми помогна да ги дефинирам и изострам вештините кој секој агент за глобално образование мора да ги има: знаење, вредности, став и вештини.

Ема Лакинска